Реакција на Судскиот совет на изјавата на министерот Лога за судијата Манев
Соопштение за јавност
Судскиот совет реагира на изјавата на министерот за правда Кренар Лога во врска со кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово Снежана Манева дека „ судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, не може веднаш повторно да полага“.
Советот ја информира јавноста дека на 13.07.2023 година доби допис од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, со кој се известува ова тело дека споменатата кандидатка на 04.07.2023 година не била во можност до крај самостојно да го пополнува психолошкиот тест на личност и тестот за интегритет. Од тие причини стручните лица од Институтот препорачуваат канидидатката „ повторно да го пополни тестирањето целосно самостојно во времетраење од два часа на 14.07 во 11 часот“.
Судскиот совет расправајќи по овој допис на работен состанок оцени дека ова прашање е во надлежност на Институтот и „смета дека до Советот е потребно да доставите известување за исходот од целокупната постапка по спроведениот психолошки тест на личност и тест на интегритет“. За ваквиот став на 13.07 2023 година со допис е известен Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Оттаму,зачудува барањето на министерот Лога, “Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на Институтот за судијата Манев повторно да има право да полага“.
„Судскиот совет ниту дал одобрение да се спроведе повторен тест, ниту пак, има официјална информација дали кандидатката повторно полагала, бидејќи тоа не е нејзина надлежност “.
Од Советот потенцираат дека во оној момент, кога ќе добијат известување од надлежната институција што ги спроведува тестовите, ќе може да знае кој од кандидатите ги исполнил сите законски услови за избор на претседател на суд или судија.