/Прочитано:

844

Регионална конференција: „Слободата на изразувањето и интернетот“

Во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, на 2 и 3 ноември 2017 година се одржа регионална конференција на тема „Слободата на изразувањето и интернетот“.

На регионалната конференција на тема „Слободата на изразувањето и интернетот“, која се одржа во Будва, Црна Гора, присуствуваа судии, јавни обвинители, адвокати и претставници на проектот JUFREX од 6 земји, и тоа: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија.

Со поздравни обраќања пред присутните се обратија: Весна Меденица, претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Сенка Даниловиќ, претседателка на Управниот одбор на Центарот за обука во судството и во Државното обвинителство, Црна Гора, Лејла Дервишагиќ, шеф на Единицата за соработка, Одделение за медиуми и интернет, Генерален директорат за човекови права и владеење на правото, Совет на Европа и Роберта Батиста, програмски офицер од Советот на Европа.

Експертите од Советот на Европа, кои имаа свои излагања на конференцијата, беа: Волфганг Бенедек, професор на Универзитетот во Грац, Австрија, Мирјана Лазарова-Трајкова, поранешен судија на Европскиот суд за човековите права и  Сандра Бенчиќ од институтот „Мир“ од Хрватска.

Поконкретно, експертите говореа за слободата на изразување и интернетот: општ преглед, слободата на изразување и интернетот во контекст на судската практика на Европскиот суд за човековите права, борбата против говорот на омраза преку интернет. На конференцијата се говореше и за прашањето за одговорноста на интернет во контекст на посредниците за говорот на омраза и за лажните вести, авторските права, слободата на изразување и интернетот.

Темите на кои говореа експертите беа проследени со бројни дискусии, прашања и коментари од присутните. На регионалната конференција од Република Македонија присуствуваа судии, јавен обвинител, адвокати и претставник на Академијата.

Целта на проектот е да ги промовира слободата на изразување и слободата на медиумите во согласност со стандардите на Советот на Европа, со посебен акцент на судството во Југоисточна Европа.

Во рамките на проектот „JUFREX“, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители досега се одржа обука на обучувачи во врска со член 10 од Европската конвенција за човековите права – слобода на изразување, каде што беа обучени вкупно 20 судии, јавни обвинители и адвокати.

Исто така, се одржа и една каскадна обука на тема „Слобода на изразување на интернет“ наменета за судиите од граѓанските оддели и претставници на релевантни институции. Следниот настан што Академијата ќе го организира во рамките на овој проект ќе се однесува на балансот помеѓу слободата на изразување и правото на приватност. Во рамките на проектот е предвидено да се одржат уште најмалку четири каскадни обуки.

M.В