/Прочитано:

7.066

Што предвидува Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на Република Македонија

Собранието на РМ со 69 гласа ‘за’ го изгласа Законот за употреба на јазиците. Во образложението на Законот за употреба на јазиците се вели дека основната цел за донесување на Законот е доследно преточување на уставните амандмани во законски текстови во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

„Имено, со овој закон паралелно се уредуваат начелата, начинот и одговорноста на институциите да овозможат службена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо vis а vis правото на граѓаните да го употребуваат и применуваат тој јазик во службени постапки. Воедно, се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 %“, се вели во образложението. Повеќе за содржината на законското решение на следниот линк: Што сe предвидува во Предлог-законот за употреба на јазиците според законското објаснување

За Законот за употреба на јазиците не гласаше парламентарната опозицијата, според која Законот не е во согласност со Уставот на Република Македонија. За владејачкото мнозинство, пак, Законот е дел од патот кон евроатланските интеграции на Македонија и не е во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето годишно обраќање во Собранието, исто така, истакна дека со Законот за јазиците се загрозува унитарниот карактер на државата и највисокиот државно-правен акт. Законот  беше критикуван и од страна на универзитетски професори лингвисти, кои нагласија дека Законот излегува од рамките на Охридскиот договор и Уставот.

Според МАНУ, пак, Законот значајно ја проширува и ја унапредува примената на албанскиот јазик во Република Македонија со цел да се затвори едно отворено прашање кое создава меѓуетнички тензии и по промената на Уставот на Република Македонија во 2001 година. За создавањето на законските решенија, од МАНУ посочија дека е потребно да се отвори стручна и научна расправа за одделни прашања што ги регулира ова законско решение, со учество на експерти од различен профил – лингвисти (македонисти, албанолози, специјалисти од областа на ареалната лингвистика), правници, социолози и сл.

Во Законот за употреба на јазиците е пропишано дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните е службен јазик и неговото писмо (албански), согласно овој закон.       

Во Законот предвидено е во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон.

Исто така, предвидено е во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, институциите се обврзани да ги спроведуваат обврските наведени во член 7 од Законот, кој гласи:

„(1) Називите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо како и на англиски јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

(2) Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(3) Печатите  на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон и сите други институции со седиште во Скопје или во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се испишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(4) Институциите од ставот 1 на овој член ќе овозможат и придонесат во работата  ефективно да се користат, употребуваат и применат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.“

Владата на Република Македонија веднаш по влегувањето во сила на овој закон ќе развие програма за покренување на јавната свест за примената на овој закон. Исто така, во овој член е предвидено дека во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон. Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон. Со донесување на други закони, тие се усогласуваат со одредбите на овој закон.

M.В