/ Прочитано:

2.271

Синдикатите бараат скратување на периодот за вработувањето на определено време

„Периодот од 5 години е предолг за да се увери работодавачот дали е тој квалитетен работник кој треба да се задржи во фирмата или не“ - стои во резолуцијата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство која беше усвоена на нивниот 16. конгрес. Таа е поддржана од членовите на најголемиот број синдикати кои застанаа зад потребата од измена на оваа регулатива со која би се скратил законски предвидениот рок. Во прилог на барањето, синдикатите се повикуваат на меѓународните конвенции и директиви за достоинствена работа, според чии критериуми, работењето на определено време се вбројува во категоријата несигурна работа, против која се прават кампањи и се борат сите меѓународни и национални синдикални структури.

Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство бара измена на Законот за работни односи, во делот кој го регулира вработувањето на определено време. За нив е спорен членот 46 од овој закон, според кој работодавачот може да го држи работникот со договор за вработување на определено време до 5 години. „Периодот од 5 години е предолг за да се увери работодавачот дали е тој квалитетен работник кој треба да се задржи во фирмата или не“ – стои во резолуцијата на СИЕР која беше усвоена на нивниот 16. конгрес. Таа е поддржана од членовите на најголемиот број синдикати кои застанаа зад потребата од измена на оваа регулатива со која би се скратил законски предвидениот рок. Во прилог на барањето, синдикатите се повикуваат на меѓународните конвенции и директиви за достоинствена работа, според чии критериуми, работењето на определено време се вбројува во категоријата несигурна работа, против која се прават кампањи и се борат сите меѓународни и национални синдикални структури.

„Во приватниот сектор, потпишувањето договор на определено време речиси стана правило, иако тој би требало да биде исклучок, односно да се потпишува само во одредени околности, како на пример, замена на работник, во случај на зголемен обем на работа, проект итн… Работниците вообичаено го потпишуваат на еден месец, 3 месеци или 6 месеци. Различни се ситуациите со кои се соочуваат пред истекот на овие рокови. Особено се непријатни примерите кога само еден ден пред истекот, работникот добива анекс на договорот во кој пишува за уште колку е продолжен договорот“, вели Маре Анчева, генерален секретар на СИЕР.

Според членот 46 од ЗРО, Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Ова во практика значи дека работодавачот е должен по овој период да го трансформира работниот договор со работникот од определено на неопределено време. Синдикатите предупредуваат дека токму тогаш работодавачите прават најголеми злоупотреби на работничките права. Според нивните искуства, не е мал бројот на работници кои работат подолго од пет години кај ист работодавач  и кај кои повторно не им се трансформира работниот однос од определено на неопределено време. Работодавачите им нудат две опции – повторно да потпишат договор на определено време или ќе се соочат со отказ. Според Анчева, иницијативата на СИЕР засега е во фаза на пауза, бидејќи сè уште се чека одговор од надлежните институции. За работодавачите таа треба дополнително да се разработи бидејќи  не е прифатлива за поголем дел од секторите.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на работодавачи, е категоричен дека во сериозните компании нема злоупотреба на работничките права преку манипулирање на договорите на определено време. „Вакви договори се најзастапени во земјоделството, консултантските услуги, прехранбената индустрија, градежништвото, а ангажманот е секогаш поврзан со спецификата на работата“, вели Бошков. Според него, има случаи кога работниците се отпуштаат непосредно пред истекот на законски предвидениот период од пет години, но тие се индивидуални, бидејќи работниците и компаниите се запознаени со опасностите. „Оваа група работодавачи во принцип се неодржливи на подолг период“, тврди Бошков.

Синдикатите од јавниот сектор се категорични дека кај нив проблемите од овој тип се многу поретки. Најголем број вработени на определено време беа регистрирани во образованието, но ситуацијата делумно се смени кон крајот на 2008 година, како резултат на спогодбата која СОНК ја потпиша со министерствата за образование и наука, за култура и за социјална политика. Тогаш на повеќе од 5200 работници на определено време (имаше случаи и над 20 години) им се трансформираше работниот однос на неопределено време.

Членот од оваа спогодба гласи: „За сите вработени во дејностите: згрижување и воспитување на децата, образование, наука и култура, кои имаат засновано работен однос на определено време, а за кои не постои оправдана причина за таков работен статус и во законска процедура, најдоцна до крајот на март 2009 година да им се трансформира работниот однос на неопределено време“.

Според претседателот на СОНК – Јаким Неделков, во моментов има релативно малку наставници кои повеќе од пет години се ангажирани на определено време. „Тоа се наставници кои не ги исполнуваат условите за трансформација: број на часови, трајно финансирање, да не е испразнето место поради подолготрајно боледување, предизвикување технолошки вишок во блиска иднина, немање соодветно образование, стручен испит итн.“.

Во меѓувреме, Синдикатот предложи дополнување на член 46 од ЗРО кој одредува петгодишен период како услов за премин во работен однос на неопределено време, со став 4 кој  беше прифатен и гласи:

(4) По исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, ако работникот работи повеќе од 2 години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.

Според Злате Стојановски, раководител во Трудовата инспекција, овој став е нејасен (доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон), бидејќи таков закон не постои.

Како проблематичен го посочува фактот дека секоја година училиштата на први септември примаат наставници на определено време без оглас.

„Огласот го распишуваат во октомври или во ноември. Наставниците на ваков начин (на определено време) работат до 31 август, односно цела година. Дел од нив вака работат со години, но тоа се поединечни случаи“, вели Злате Стојановски.

Некои се одлучуваат да покренат постапка и во тој случај судот ги задолжува директорите да им го трансформираат работниот однос на неопределено време. Дел, пак, се обраќаат на Трудовата инспекција.

„Во тој случај, ние до директорите се обраќаме со решение преку кое ги задолжуваме да го трансформираат работниот однос. Доколку не постапат по решението, работодавачите прават прекршок за кој е предвидена глоба од 3.000 евра во денарска противвредност, за работодавачот правно лице и 30% глоба за одговорното лице од одмерената глоба за правното лице“, вели Злате Стојановски. Контролите на Трудовата инспекција се редовни, но се вршат и по пријава. Според него, при редовните контроли инспекторите само констатираат дали работникот има важечки договор во моментот, бидејќи временски е невозможно да се проверат сите претходни.

А. Б.