/Прочитано:

3.059

„Службен весник на РМ“ ја објави Одлуката за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ

Врз основа на член 67 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 21 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 април 2017 година, донесе одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија. За претседател на Собранието на Република Македонија се избира Талат Џафери, пратеник во Собранието на Република Македонија. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

Во денешниот број на „Службен весник на РМ“ е објавена Одлуката дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието на Република Македонија, со што тој официјално ќе ја преземе функцијата во македонското Собрание.

Од „Службен весник на РМ“ потврдуваат дека бројот е отпечатен и весникот веќе се дистрибуира. Потоа, како што информираат оттаму, ќе биде подготвено електронското издание на денешниот број на весникот.

Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија на 27 април, а за неговиот избор гласаа пратениците од СДСМ и од албанските партии. По изборот, Џафери најави дека следната собраниска седница ќе ја свика откако претседателот Иванов ќе му го додели мандатот за формирање нова Влада на Заев.

Истовремено, во денешното соопштение на СДСМ, се вели дека претседателот Ѓорге Иванов нема повеќе никакви изговори за да не ја исполни својатауставна обврска кон граѓаните на Република Македонија и дека не постојат повеќе никакви пречки мандатот за нова Влада веднаш да биде доделен.

„Државен интерес на граѓаните на Македонија е да добијат Влада како што изгласаа, која ќе ја придвижи земјата напред во евроатлантските процеси и ќе обезбеди квалитетен живот за сите и тоа ќе се случи. Ќе биде реафирмирана и Програмата на новата реформска Влада што гигарантира унитарноста и независноста на државата. Ги повикуваме сите во државата конструктивно да се вклучат во демократските процеси, што се незапирлив процес“, се наведува во соопштението на СДСМ.

А. Б.