/ Прочитано:

1.987

Смртно болен маж од Англија започнал правна постапка за правото да умре

Според неговата изјава за весникот „Гардијан”, сегашниот Закон го спречува да има контрола врз сопствениот живот, врз тоа како ќе заврши животот, а со тоа и како да заврши неговиот кошмар. Законот е неприфатлив и треба да биде променет во полза на скратување на маките што ги преживува оној што е смртно болен. Конвеј, кој досега имал контрола врз својот живот, кој бил совесен и одговорен човек, вели: „Доколку оставам природата да го стори своето и доколку чекам да починам од природна смрт, ќе се чувствувам како затвореник во сопственото тело и погребан во него додека ми се намалува способноста за движење и комуникација или би можел да умрам од  задушување како резултат на слабеењето на вратната мускулатура и на мускулатура воопшто. Исто така, би можел да ја предизвикам смртта доколку ја извадам маската за кислород, но не знам колку време ќе треба за да настапи смрт и би можел да страдам од неподносливи болки и мачење“.

Болен

Ноел Конвеј, пензиониран професор од градот Шревсбери, Англија, кој боледува од тешка болест, започнал правна постапка за неговото право да умре, тврдејќи дека Законот за самоубиства од 1961 година практично го осудува на недостојна и страшна смрт.

На 67-годишниот Конвеј му била дијагностицирана болест на моторните неврони која според медицинската дефиниција е прогресивна невролошка болест што ги напаѓа моторните неврони во големиот и ‘рбетниот мозок. Тоа доведува до постепено запирање на пренесувањето на пораките и функциите кои ги примаат мускулите од мозокот, што пак доведува до истоштеност и до слабеење на телото.

Оваа дијагноза му била поставена пред 2 години и оттогаш тој се чувствувал како погребан во своето тело и не очекувал дека ќе остане жив во наредните неколку месеци. Со поддршка од организацијата „Да се умре достоинствено“, тој ја ангажирал адвокатската канцеларија „Ирвин Mичел” да побара од Врховниот суд да направи ревизија на забраната за помош при самоубиство, која всушност е единствената пречка за Конвеј да си го одземе животот без да чувствува долготрајна болка.

„Потпомогнатото самоубиство“ е забрането според Законот за самоубиства од 1961 година, поглавје 2, став 1, а доброволната евтаназија се смета за убиство. Имено, во тој дел од Законот се вели дека лицето кое помага, кое советува или кое наведува некој друг на самоубиство ќе биде одговорно за неговите постапки и ќе биде осудена на казна затвор која може да изнесува максимални 14 години.

Целта на Конвеј е, доколку судот го усвои неговото барање, во иднина да се воспостават строги критериуми и заштитни мерки за смртно болните возрасни луѓе кои ќе донесат сопствена одлука за самоубиство.

Пред да се разболи, Конвеј предавал општествени науки, се занимавал со планинарење, со возење велосипед и патувал заедно со своето семејство. Неговата сегашна влошена состојба го спречува во движењето, во облекувањето, во исхраната и воопшто во водењето грижа за себе, а веќе почнал да користи и маска за кислород додека спие.

Според неговата изјава за весникот „Гардијан”, сегашниот Закон го спречува да има контрола врз сопствениот живот, врз тоа како ќе заврши животот, а со тоа и како да заврши неговиот кошмар. Законот е неприфатлив и треба да биде променет во полза на скратување на маките што ги преживува оној што е смртно болен.

Конвеј, кој досега имал контрола врз својот живот, кој бил совесен и одговорен човек, вели: „Доколку оставам природата да го стори своето и доколку чекам да починам од природна смрт, ќе се чувствувам како затвореник во сопственото тело и погребан во него додека ми се намалува способноста за движење и комуникација или би можел да умрам од  задушување како резултат на слабеењето на вратната мускулатура и на мускулатура воопшто. Исто така, би можел да ја предизвикам смртта доколку ја извадам маската за кислород, но не знам колку време ќе треба за да настапи смрт и би можел да страдам од неподносливи болки и мачење“.

Конвеј вели дека размислувал да отпатува во Швајцарија каде што постои клиника за вакви случаи, но тогаш би го изложил своето семејство на големи трошоци, а исто така не сака да умре во болнички кревет далеку од своето семејство.

Сара Вотон, претставник на организацијата „Да се умре достоинствено“ вели: „Случајот на Ноел не е единствен. Слични вакви примери има и кај стотици други граѓани во Велика Британија. Изборот и контролата врз сопствените животи треба да биде право на секој човек, а постојните закони во Британија не го овозможуваат тоа. И покрај големата поддршка од јавноста за „потпомогнатата смрт”, нашата влада потфрли во дејствувањето во оваа насока и продолжува да ја игнорира волјата на луѓето што се на смртна постела. Британија заостанува зад другите светски законодавства чии закони вклучуваат сочувство кон луѓето на смртна постела и почитување на нивниот избор да ја имаат контролана врз својот живот“.

Јоги Амин, партнер во адвокатската канцеларија која го претставува Конвел, вели дека Конвел е премногу храбар и горд човек кој ја има поддршката од своето семејство и треба да го има правото да одлучува за својот живот.

Врховниот суд во ваков сличен случај во 2012 година го одбил барањето на извесен Тони Никлинсон кој боледувал од парализа по претрпен мозочен удар. Тогаш судиите препорачале дека Парламентот треба да расправа за овие прашања пред судот да може да донесе каква било одлука. По неколку дена Никлинсон починал, а неговата сопруга поднела апликација пред Европскиот суд за човекови права, која била отфрлена со образложение дека за ваквите прашања треба да расправаат националните парламенти.