/Прочитано:

1.140

Собранието донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот

Со 80 гласа „За“ Собранието  донесе одлука да се пристапи кон уставни измени. Извештајот од гласањето на седницата може да се погледне на следниот линк. Од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „За“ гласаа пратениците: Емилија Александрова; Љубен Арнаудов; Сашо Василевски; Нола Исмајлоска – Старова; Елизабета Канческа-Милевска; Крсто Мукоски, Владанка Авировиќ (Социјалистичка партија) и Зеќир Рамчиловиќ (АВАЗ).

Во заедничко соопштение овие пратеници велат дека ова не е конечна фаза во однос на уставните промени.  Тие бараат уставен амандман со гаранција за македонскиот идентитет и уставен амандман што ќе се важи ако Грција не го ратификува договорот за промена на името, што ќе значи безусловно поништување на сите уставни промени и на Договорот од Преспа.

„Името за внатрешна употреба да се менува постепено, во зависност од тоа како ќе се реализира членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Прифаќање на иницијативата за простување на сите обвинети за настаните на 27 април и основање собраниско тело со план за национално помирување во рок од 30 дена“, се вели во соопштението на пратениците.

Според Деловникот на Собранието, Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

„По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот“, се пропишува во Деловникот на Собранието на РМ.

Предлогот и насоките за изменување и дополнување на Уставот на РМ беа поднесени од Владата на РМ и содржат предлози и насоки за додавање на придавката северна во името на Република Македонија, измени во Преамбулата на Уставот, поцврста гаранција на границата, грижа за Македонците и дијаспората во странство.

Предлогот за уставни измени на собраниска седница – објавен извештајот од Комисијата за уставни прашања

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седница на Комисијата за уставни прашања

Деловникот на Собранието на РМ во врска со Предлогот за пристапување кон измена на Уставот

Што содржи Предлогот на Владата до Собранието на РМ за пристапување кон измени на Уставот

Предлогот за пристапување кон измени на Уставот на вонредна седница на Владата

М.В