/ Прочитано:

1.106

Собранието експресно одговорило за Законот за помилување, а Уставниот суд ќе одлучува во среда

Како што потврдуваат од Уставен, Судот вчера го добил одговорот кој бил веднаш проследен до судијата известител по предметот Никола Ивановски. Од Судот не сакаа да ја коментираат содржината на одговорот.

Уставен суд

Уставниот суд добил експресен одговор од Собранието во однос на Решението на Судот да поведе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за помилување кој беше оспорен пред две недели.

Како што потврдуваат од Уставен, Судот вчера го добил одговорот кој бил веднаш проследен до судијата известител по предметот Никола Ивановски. Од Судот не сакаа да ја коментираат содржината на одговорот.

Според Деловникот на Уставниот суд, рокот за одговор не треба да биде подолг од 30 дена.

На последната седница на Уставниот суд одржана во средата, судиите го усвоија текстот на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

Откако Уставниот суд ќе го добие мислењето од Собранието, судијата известител, во случајов судијата Никола Ивановски, треба да донесе предлог за одлучување во втора фаза, кој ќе биде ставен на дневен ред за конечно одлучување.

Предлогот за одлучување за Законот за помилување е ставен на дневен ред на седницата на Уставниот суд која ќе се одржи во среда, кога Судот треба да одлучи мериторно дали ќе го укине Законот или ќе ја запре постапката.

При првото разгледување на Иницијативата, беше прибавено мислењето од Собранието, како орган што го донел Законот, во кое беше наведено дека измените и дополнувањата на Законот за помилување се во функција на допрецизирање и усогласување на основниот Закон и дека Собранието смета дека не треба да се поведе постапка.

Од Судот велат дека секогаш се земаат предвид мислењата на органите кои ги донеле прописите, но тие не се пресудни при одлучувањето.

Измените на Законот за помилување кои се оспорени опфаќаат:

„Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето, кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги од и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“, стои во измените од 2009 година.

Покрај тоа, со измените се утврдени постапката за барање за помилување и ингеренциите на Комисијата за помилување при одлучување по барањата.

Уставните судии пред две недели ја прифатија Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, доставена од адвокат. Петмина од уставните судии гласаа „за“, а четворица гласаа „против“ Иницијативата.

Прифаќањето на Иницијативата предизвика протести од страна на невладините организации кои бараат да не се дозволува помилување за изборни нерегуларности и за полов напад врз деца.

М.С.