/ Прочитано:

918

Соопштение на Кривичниот суд за определувањето мерка притвор за лица осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  за определување мерка притвор против М. Ч., М. П., Д. Л. О. П. и Г. Ѓ, донесе решенија со кои делумно го уважи предлогот на Обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од членот 313 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени во членот 165 ст.1 т. 1 од ЗКП. Против овие решенија странките имаат право на жалба во рок од 24 часа по приемот на решенијата до Апелациониот суд – Скопје“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.

Според информациите, поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, потоа Митко Пешов, Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР, како и Горан Ѓошевски од обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Велјановски, во текот на ноќта повторно се вратени во Истражниот затвор – Скопје во Шуто Оризари.

На 26 овој месец, Врховниот суд донесе одлука за предметот во врска со настаните во Собранието од 27 април минатата година, со која на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески и на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков им го замени притворот со домашен притвор и им ја укина мерката куќен притвор на Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Игор Дурловски и Елена Божиноска.

Вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција извести дека се поднесени обвиненија до Основниот суд Скопје 1 – Скопје против 30 лица за насилствата кои се случија во Собранието минатата година на 27 април. 28 обвинети се товарат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а двајца се обвинети за помагање во извршување на истото кривично дело.

M.В