/ Прочитано:

994

СОВЕТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ: Јанева не ги доби бараните предмети за да не се создаде хаос во надлежноста

Советот констатирал дека за да ги преземе предметите, Јанева треба да наведе на што ја темели својата надлежност во сите предмети што се побарани, односно да наведе од кои разговори произлегува тоа, кога се водени тие разговори, помеѓу кои лица и да даде опис на содржината на разговорот.

Катица Јанева и Ленче Ристоска во Совет на јавни обвинители

Советот на јавни обвинители до Кривичниот суд испратил известување со кое потврдува дека предметите кои ги бараше Специјалното јавно обвинителство од Основното јавно обвинителство Скопје и од Обвинителството за организиран криминал и корупција, дефинитивно остануваат во надлежност на матичните обвинителства.

Советот донел две одлуки, од кои во првата одлука навел дека Основното јавно обвинителство  Скопје е надлежно да постапува по предметот против синот на Зоран Верушевски, Горан, кој е осомничен за детска порнографија, потоа, по предметот за пиштолот на Верушевски и по предметот поврзан со „Маџар телеком“.

Во втората одлука на Советот е наведено дека Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е надлежно да постапува по предметот „Поткуп“, кој се води против лидерот на СДСМ Зоран Заев, потоа, по предметот „Шпион“ и за две постапки кои сè уште не се започнати, а тоа се предметите „Надеж“ и друг предмет поврзан со „Маџар телеком“.

„Во образложението на одлуката стои дека за преземање на предметите од страна на Специјалното јавно обвинителство не е доволно јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство само декларативно да се произнесе дека е надлежен, туку треба да го стори веројатен фактот дека предметите, како што е наведено, произлегуваат и се поврзани со незаконито следење на комуникации“, наведуваат од Судот.

Во образложението што го доставил Советот до Судот е наведено она што го истакна и претседателот на Советот, Петар Аневски, во изјавата по седницата на која дојде специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која рече дека нема обврска да му образложува на Советот на јавни обвинители зошто ги бара конкретните предмети.

Советот констатирал дека за да ги преземе предметите, Јанева треба да наведе на што ја темели својата надлежност во сите предмети што се побарани, односно да наведе од кои разговори произлегува тоа, кога се водени тие разговори, помеѓу кои лица и да даде опис на содржината на разговорот.

„Советот на јавни обвинители наведува и дека доколку тоа не е така, во спротивно би можело да настапи хаотична состојба, каде што повеќе обвинителства би претендирале дека се надлежни за постапување по ист предмет, а тоа може да доведе до несогледливи штетни последици и по самата институција, а исто така и во постапката за гонење на сторителите на кривичните дела“, стои во одлуката на Советот.

Вака донесените одлуки ќе бидат додадени кон соодветните кривични предмети на овој суд за понатамошно надлежно постапување на судиите во Судот, при што надлежниот судија ќе ја има предвид надлежноста на конкретното обвинителство, велат од Судот.

Дел од постапките кои се однесуваат на Заев и на Зоран Верушевски најверојатно ќе бидат прекинати поради тоа што Претседателот на Република Македонија потпиша одлука нивно помилување.

М.С.

АНЕВСКИ ПРЕСЕЧЕ: Предметите што ги бара Јанева се враќаат во надлежност на матичните обвинителства