/ Прочитано:

1.646

Советот на Европа за родовата еднаквост како предизвик

Состојбата со правата на жените мигрантки, порастот на насилството и говорот на омраза врз жените, нападите на репродуктивните права на жените, родовата еднаквост и избалансираната застапеност на жените во политичко-институционалното управување и донесување одлуки, се клучните прашања кои ги нагласува Советот на Европа како свои идни предизвици.

Предизвиците за родовата еднаквост, како што велат од Советот на Европа, произлегуваат од јазот што постои меѓу пропишаните стандарди за родова еднаквост и нивната имплементација, не само од страна на институциите туку и од страна на целокупното општество. Овие стандарди подразбираат и промена на менталитетот на граѓаните, што е клучно за зајакнување на општествената свест како носител на промените.

Во таа насока, Советот на Европа ги охрабрува земјите членки да воспостават ефективна реализација на стандардите за родова еднаквост, посебно во поглед на примената на законодавството кое се однесува на семејното насилство и на насилството врз жените, кое е усогласено со Истанбулската конвенција.

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борба со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.

Во Конвенцијата се потенцира стремежот за ослободување на Европа од насилство врз жените и од домашно насилство, а државите членки на Советот на Европа и другите потписници се согласуваат и истакнуваат дека Конвенцијата ги има следните цели:

Заштита на жените од сите форми на насилство и спречување, гонење и елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство; придонес во елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и промовирање суштинска еднаквост меѓу жените и мажите, вклучувајќи и преку зајакнување на жените; создавање сеопфатна рамка, политики и мерки за заштита и помош на сите жртви на насилство врз жените и домашно насилство; промовирање на меѓународна соработка во поглед на елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство и обезбедување поддршка и помош на организациите и на органите за спроведување на законот за ефективна соработка со цел да усвојат интегриран пристап за елиминација на насилството врз жените и домашното насилство.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додeка пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко и економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.

Македонија ја потпиша Конвенцијата на 8.7.2011, но сè уште ја нема ратификувано. На регионално ниво, Македонија и Хрватска се единствените земји во регионот кои сè уште ја немаат ратификувано Конвенцијата.

Ратификацијата на Конвенцијата подразбира  низа обврски за владите што ја имаат ратификувано да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените кои поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство  велат дека за доследна борба против семејното насилство и насилството врз жените и за родова еднаквост што побргу мора да биде ратификувана Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство од страна на Македонија.

Покрај нагласувањето на активностите кои треба да произлезат од Истанбулската конвенција, од Советот на Европа нагласуваат дека  е потребно подобрување на пристапот на жените до правдата и надминување на стереотипите преку создавање и примена на конкретните иницијативи и законски мерки во однос на прашањето за родовата еднаквост. Дискриминацијата, родовото насилство и неприменувањето на законите го отежнуваат пристапот на жените до правдата.

Во однос на Македонија и прашањето за пристапот на жените до правдата, во анализата „Пристап на жените до правда“, изработена од страна на авторките Јованка Тренчевска, Светлана Цветковска, Тања Кикерекова и Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ, се вели дека иако во РМ постои широка правна рамка со која се овозможуваат еднакви можности на жените и мажите во различни области од општественото живеење, сепак постои недоволна примена на постојните закони.

Друга причина што го оневозможува и/или го отежнува пристапот на жената до правдата е дискриминацијата која постои кон жената, а која е заснована на родови стереотипи, стигма, патријархални норми и родово засновано насилство.

Како начини за унапредување на пристапот до правда за жените, анализата ги посочува: поголемата информираност, намалувањето на географската оддалеченост на институциите, пониските судски трошоци, поедноставни правни процедури. Конечно, се посочува во анализата, потребно е да се забрза постапката за ратификација на Истанбулската конвенција, односно да се пристапи кон натамошно доусогласување на Кривичниот законик на РМ со Истанбулската конвенција.

ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ: Насилството врз жените е кршење на човековите прва

ПРИСТАП НА ЖЕНИТЕ ДО ПРАВДАТА: Дискриминацијата, родовото насилство и неприменувањето на законите го отежнуваат пристапот на жените до правдата

M.В