/ Прочитано:

1.087

Советот на јавни обвинители и Собранието не се откажуваат и повторно ја покануваат Јанева да го образложи Извештајот

Јанева вчера изјави дека нема намера да го образложува Извештајот ниту пред Советот на јавни обвинители ниту пред Собранието и ги упати двете институции да ѝ достават писмени забелешки на првиот извештај кои ќе бидат вметнати и образложени во вториот извештај, кој веќе се подготвува.

Катица Јанева во Совет на јавни обвинители

Советот на јавни обвинители и денеска не го разгледувал Извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство бидејќи специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не дошла ниту на денешната седница.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, информираше дека седница е одложена за понеделник, 28 март, во 11:00 часот.

„По отворената дискусија помеѓу членовите на Советот, заклучивме дека е нужно да дојде и да присуствува специјалната јавна обвинителка Катица Јанева заради разјаснување на некои работи што ни се нејасни и сметаме дека мора да дојде и ќе добие и писмена покана“, рече Аневски.

Секој од членовите на Советот имал свое прашање кое се однесува на нејасностите во Извештајот, но кои се конкретните забелешки, ќе соопштат дури откако ќе се уверат дека Јанева нема да дојде на седницата во понеделник.

Јанева вчера изјави дека нема намера да го образложува Извештајот ниту пред Советот на јавни обвинители ниту пред Собранието и ги упати двете институции да ѝ достават писмени забелешки на првиот извештај кои ќе бидат вметнати и образложени во вториот извештај, кој веќе се подготвува.

Аневски вели дека е запознаен со изјавата на Јанева дека нема да даде образложение пред Советот, но вели дека денеска членовите едногласно одлучиле дека е потребно таа повторно да биде повикана.

За случаите кои се спорни, „Маѓар телеком“, предметот за пиштолот на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и предметот за детска порнографија отворен против синот на Верушевски, Аневски вели дека Советот сè уште нема разговарано и дека предметите ќе бидат на дневен ред на друга седница.

Јанева ги побара предметите од Скопското јавно обвинителство уште во февруари, но од Обвинителството одговорија дека тие предмети не произлегуваат од прислушуваните разговори и одлучувањето за нивната судбина го префрлија на Советот на јавни обвинители.

„Поради тоа, Основното јавно обвинителство – Скопје се обратило до Советот на јавните обвинители на Република Македонија со барање Советот да се произнесе дали наведеното дејствие е законско дејствие на јавниот обвинител кој раководи со Специјалното јавно обвинителство бидејќи Катица Јанева е професионално одговорна за стручните и законските дејствија при нејзината работа пред Советот на јавните обвинители“, стоеше во образложението на Основното јавно обвинителство Скопје.

Во меѓувреме, по трет пат беше одложена и собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која требаше да се разгледува Извештајот на Јанева. Специјалната јавна обвинителка испратила писмено известување дека нема да дојде на Комисијата.

Претседателот на Комисијата за политички систем, Влатко Ѓорчев, изјави дека Јанева продолжува да го негира Собранието.

Комисијата е презакажана за утре.

М.С.