/ Прочитано:

1.732

Специјалното јавно обвинителство ќе врши увид во доказите за случајот „Пуч“

„Судот преку писмено известување нè информираше дека е обезбедена просторија во која ќе може да се изврши увид во доказите. За сега се определени четири денови од оваа недела, но добивме уверување од Судот дека може да вршиме увид додека ни е потребно“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

PUC SPECIJALNO OBVINITELSTVO KATICA JANEVA

Тимот на Специјалното јавно обвинителство од денеска ќе го започне увидот во доказите за случајот „Пуч“ кој е во работа во Основниот суд Скопје 1. Како што информираше и вчера специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од денеска нејзиниот тим ќе врши увид во пишаните докази, аудио-визуелни докази како и сите останати списи од предметот.

„Судот преку писмено известување нè информираше дека е обезбедена просторија во која ќе може да се изврши увид во доказите. За сега се определени четири денови од оваа недела, но добивме уверување од Судот дека може да вршиме увид додека ни е потребно“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

На последното рочиште за „Пуч“, на 14 јануари, Јанева побара од Судот одложување на подолго време поради потребата да извршат увид во доказниот материјал.

„Во однос на доказите не ни е дозволено да ги земеме и затоа мора да доаѓаме. Ова е нова пракса на Кривичниот суд, бидејќи претходно јас како обвинител сум ги добивала доказите во моето матично обвинителство и сум можела да вршам увид во нив. Логично е да можам слободно да имам увид во доказите бидејќи тие се доставени од Јавното обвинителство и согласно новиот ЗКП тие треба да бидат дадени повторно доколку ги побараме. Бидејќи судот тоа не го удоволува, ние го почитуваме и ќе доаѓаме тука“, рече Јанева по одложувањето на рочиштето за „Пуч“.

Од Кривичниот суд велат дека кога се работи за обемен доказен материјал, токму заради безбедноста на доказите истите не се доставуваат до странките, а наместо тоа се дозволува увид во предметот во просториите на судот.

„На Обвинителот во конкретниот предмет му е дозволен увид во списите на предметот уште од 29 декмври, а судот го прифати и предлогот на обвинителот за одложување на главната расправа заради дополнително време за увид во доказите, на што не се противеше ниту одбраната“, наведуваат од Судот.

Во случајот „Пуч“ за шпионажа и насилство врз највисоки државни органи обвинети се пет лица. Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски е првообвинет, неговата сопруга Соња, службеникот во општина Струмица Бранко Палифров, како четвртообвинет се јавува лидерот на СДСМ Зоран Заев и вработениот во МВР, Ѓорги Лазаревски.

Со преземањето на предмети од јавните обвинителства, и предметот „Пуч“ беше земен во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.