/ Прочитано:

1.321

Стопанската комора на Македонија ќе ја промовира Асоцијацијата за поддршка на медијацијата

Формирањето на Асоцијацијата е со цел поголема промоција на медијацијата како ефикасен начин на решавање на споровите, се наведува во најавата од Стопанската комора.

Илустрација

Стопанската комора на Македонија денес ќе ја промовира Асоцијацијата за поддршка на медијацијата. Формирањето на Асоцијацијата е со цел поголема промоција на медијацијата како ефикасен начин на решавање на споровите, се наведува во најавата од Стопанската комора.

Со последните измени на Законот за парничната постапка со членот 47 се пропишаа измени во членот 461 од Законот за парничната постапка и се пропиша обврска за задолжителен обид за  медијација во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1 000 000 денари, а за кои постапката се поведува со тужба пред суд. Притоа, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат да го решат спорот по пат на медијација. При поднесување на тужбата, тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал, се наведува во Законот.

Медијација е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација, во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува да го решат спорот по пат на преговарање, на мирен начин, со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

Медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки и осигурителни спорови, во спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминација, како и во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.