/ Прочитано:

10.509

Судири на интереси што адвокатот мора да ги избегне

Адвокатите се од клучна важност за почитувањето и за примената на владеењето на правото, во сите општества низ светот. Адвокатите се залагаат за унапредување на човековите права, за заштита на правата на своите клиенти и помагаат во соодветното функционирање на правосудниот систем. Но, самата природа на адвокатската работа е таква што адвокатите често се наоѓаат во ситуации во кои интересите на странката се во судир со одговорноста што адвокатот ја има во однос на друг клиент, поранешен клиент, трети лица, па дури и спротивни на личните интереси на самиот адвокат. Ова е познато под називот судир на интереси, се истакнува во книгата „Адвокатска етика“ на авторот Мајкл Г. Карнавас, публикувана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Дефиницијата и правилата што ги регулираат судирите на интереси се разликуваат од еден до друг правен систем. Сите меѓународни и национални етички кодекси содржат одредби за избегнување на судирот на интереси и, според нив, доколку постои каков било судир на интереси, адвокатот треба да го одбие застапувањето. Законот за адвокатура и Кодексот на АКРМ содржат одредби кои покажуваат на кој начин може да се избегне судирот на интереси. Општо, судирот на интереси постои кога способноста на адвокатот да ја застапува странката е суштински ограничена поради неговите или нејзините лични интереси или интересите на трети лица. Постојат различни видови судири на интереси, меѓу кои и судири помеѓу адвокатот и клиентот, помеѓу тековните клиенти на истиот адвокат, помеѓу тековните и поранешните клиенти, како и судири поради обврските што адвокатот ги има спрема трети лица.

Повелбата на CCBE говори за начелото за „избегнување судир на интереси, без разлика дали судирот на интереси е помеѓу различни клиенти или помеѓу клиентот и адвокатот“. Коментарите на CCBE не содржат дефиниција за судирот на интереси. Според овие коментари, адвокатот истовремено не смее да застапува две странки во ист предмет доколку постои конфликт или ризик од појава на конфликт помеѓу интересите на тие две странки. Адвокатот, исто така, треба да го одбие застапувањето на странката доколку за неа и за конкретниот предмет веќе има добиено доверливи информации од некои од другите свои тековни или поранешни клиенти. Адвокатот подеднакво е должен да избегнува каков било судир на интереси со странката. Ако во текот на застапувањето се појави каков било судир на интереси, адвокатот треба да го прекине застапувањето. Коментарите на CCBE посочуваат дека судирот на интереси е тесно поврзан со начелата за доверливост, независност и лојалност. Кодексот на однесување на CCBE наведува неколку видови судири на интереси што адвокатот мора да ги избегне:

а. Адвокатот истовремено не смее да советува, да застапува или да постапува за две или повеќе странки во врска со истата правна работа доколку постои каков било судир или значителен ризик од појава на судир меѓу интересите на странките.

 б. Адвокатот мора да престане со застапувањето на обете или на сите странки доколку се јави судир на интереси помеѓу тие странки и секогаш кога постојат шанси за нарушување на довербата или кога е загрозена независноста на адвокатот.

в. Дополнително, адвокатот не смее да прифати да застапува нов клиент доколку притоа постои ризик од евентуално нарушување на веќе воспоставената доверба помеѓу адвокатот и некоја поранешна странка или пак доколку знаењето и информациите со кои се стекнал адвокатот, застапувајќи го поранешниот клиент, би можеле да ја доведат новата странка во повластена состојба. Кога адвокатите се организирани и постапуваат како група, тогаш овие забрани подеднакво се однесуваат на сите членови на групата.

Меморандумот за појаснување на CCBE, се посочува во книгата „Адвокатска етика“, вели дека адвокатот може да застапува две или повеќе странки во иста правна работа доколку не постои судир меѓу нивните интереси и не постои значителен ризик од таков судир. Доколку дојде до судир во текот на застапувањето или ако постои ризик од нарушување на довербата или други околности што може да ја загрозат независноста на адвокатот, тој или таа мора да го прекине застапувањето на сите странки во конкретниот предмет.

Според CCBE, во одредени околности адвокатот би можел да преземе улога на медијатор помеѓу две спротивставени странки. Во таква ситуација, адвокатот е должен:

а) да ја објасни својата улога на медијатор;

б) да добие согласност од обете странки;

 в) да се обиде да ги разреши проблемите помеѓу странките.

„Адвокатот самиот мора да процени и да одлучи дали ќе престане со застапувањето или ќе се обиде да дејствува како медијатор. Во ситуациите кога адвокатот ќе се јави во улога на медијатор помеѓу двете странки, а процесот на медијација заврши неуспешно, советот на CCBE е адвокатот да престане да ги застапува тие странки“, заклучува авторот Мајкл Г. Карнавас во книгата „Адвокатска етика“, публикувана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

М.В