/ Прочитано:

1.995

ТЕКОВНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ТЕНДЕРИ НА ЕДНО МЕСТО: Дигитална платформа како оперативна алатка за поголема соработка помеѓу компаниите

Следствено на иницијативата за зголемување на оперативната соработка меѓу компаниите од малите земји и нивен полесен пробив на што поголеми пазари, од Стопанската комора на Македонија велат дека е планирана изработка на дигитална платформа како оперативна алатка која ќе има за цел на едно место да ги собере информациите за тековните меѓународни тендери објавени во малите земји.

Оваа платформа, велат од Комората, има за цел да задоволи неколку аспекти, меѓу кои најважни се споделувањето на информации меѓу членовите и  создавање на систем за информирање за јавни тендери во сите земји.

„Сите субјекти (основачи, членови, амбасадори, стратешки партнери и партнерски корпорации) вклучени во оваа иницијатива ќе имаат привилегиран пристап до деталите поврзани со објавените тендери. Платформата ќе биде надградена со форуми и работни групи со цел полесен и непречен проток на информации меѓу засегнатите субјекти. Бенефициите од оваа платформа можат да се согледаат во изработка на пазарни анализи, вмрежување, контакти и асистенција при посетите реализирани од странските членови во матичната земја; директни контакти и селекција на претприемачите од партнерските земји; директни контакти со партнерските корпорации (секој член ќе има можност да промовира по еден нечлен во текот на една година).“

Дигиталната тендерска платформа покрај информациите за активните тендери ќе содржи и други информации во облик на профил на земја, т.е. ќе биде место каде што ќе можат да се видат детални информации поврзани со одредена земја (економски, географски, социјални, идни планови и сл.) со цел секоја земја да стекне првична претстава за отворените можности за соработка.

„Сумирано, дигиталната тендерска платформа првично ќе содржи и информации за тендери, работни групи за асистенција, форуми, комуникација и профил на земјата. Секој субјект ќе има различен степен на привилегии при работата во платформата, во согласност со процедурите на работа на оваа иницијатива“, посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

M.В