/ Прочитано:

1.046

Компаниите бараат даночен календар, преку кој однапред ќе ги знаат промените во даночната политика

Преку даночен календар, фирмите многу порано, шест месеци однапред, ќе ги знаат промените во даночната политика. Даночниот календар за бизнисот ќе обезбеди попредвидлива деловна клима, како и намалување на сивата економија, отстранување на недоследностите од законите за извршување и за холдинг друштва, истакнуваат компаниите.  За потребата од даночен календар се дискутираше денес на работната средба на министерката за финансии, Нина Ангеловска, со претседателот на Стопанската комората, Бранко Азески.

„Имаме пет барања кои се однесуваат на клучни прашања што биле третирани во изминатиот период, за Законот за холдинг друштва, за членот 218 од Законот за извршување, за признаените расходи, имаме иницијатива којашто се однесува на плаќање на ДДВ и негово враќање при влез на суровините. Ќе разговараме за овие прашања коишто биле континуирано третирани во изминатиот период, како и што може да се направи затоа што тоа ќе донесе корист за целата економија, ќе дојдат нови инвеститори, а и домашните ќе се охрабрат да инвестираат“, истакна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, рече дека како некој што доаѓа од бизнис-секторот ја знае реалната потреба од дијалог помеѓу креаторите на политиките и бизнис-секторот.

„Знаете дека доаѓам од приватниот сектор и цврсто верувам дека за да креираме политики за подобра бизнис-околина, треба да дискутираме за нив со реалниот сектор. Во таа насока, ќе ги разгледаме сите предлози на бизнис-секторот. Еден од предлозите кои Стопанската комора го има и за која можам да кажам дека лично имам волја да се залагаме е воведување на даночниот календар. Тоа значи предвидлива околина за бизнисот, стабилност за да може да знаат да ги планираат однапред своите активности, да не може да се прават нагли промени кои ќе влијаат на планирањето на фирмите за следната година. Тоа значи шест месеци однапред да му дадеме време на бизнис-секторот да се подготви за измените и да испланира за следниот период“, рече министерката Нина Ангеловска.

Министерката за финансии Ангеловска истакна и дека посебен фокус ќе се даде на борбата против сивата економија.

„Еден од приоритетите на Министерството за финансии ќе биде токму адресирање на сивата економија со конкретни мерки и предлози. Само еден мал дел од тие мерки и предлози е мерката МојДДВ. Тука можам да ви најавам дека веќе се работи интензивно заедно со Управата за јавни приходи и ќе ви ги најавиме дополнително промените што треба да бидат воведени. Верувам дека ќе бидат задоволни сите граѓани. Кога зборуваме за сива економија и на граѓаните и на бизнисот им е потребно да знаат дека функционира еден праведен даночен систем, каде што гледаат дека сите си ги плаќаат давачките. Фокусот ќе биде да се опфатат, да се внесат во системот оние 20-40% субјекти за кои се смета дека се во сива економија. Тоа ќе биде фокусот на Министерството за финансии да го адресира преку различни мерки. Сивата економија не е само во пазарот на труд, туку има во електронската трговија, зборуваме за сива економија на нерегистрирана дејност за еден поширок опфат“, рече Ангеловска.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, рече и дека на работната средба се зборувало и за иницијативата за сузбивање на сивата економија, за формирање на фискален совет, како и за другите барања кои Стопанската комора ги има до Владата. Тој рече дека средбата со министерката за финансии предизвикала голем интерес кај членките на Комората и дека преку дијалог треба да се изнајдат заеднички решенија.

Компаниите бараат извесност за промените на даночниот систем и предлагаат даночен календар

М.В