„ТРЕЗОР“: Нов случај на СЈО за злоупотреба на 862 илјади евра буџетски средства
Како осомничени се јавуваат 3 лица на раководни позиции во Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице на раководна позиција во МВР.
„Трезор“ е новиот случај на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на РМ во висина од 862 илјади евра.
Како осомничени се јавуваат 3 лица на раководни позиции во Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице на раководна позиција во МВР.
Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, осомничените прибавиле противправна имотна корист за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.
Досега Специјалното јавно обвинителство отвори пет истражни постапки: „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ и „Транспортер“. На годишнината од своето формирање, СЈО поднесе два обвинителни предлози до Кривичниот суд.
Двата предмети се нови, работени по скратена постапка бидејќи Обвинителството имало доволно докази за да изготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд. Бидејќи истрагата е целосно завршена, од СЈО нема да предложат мерки за обезбедување на лицата опфатени во предметите.
Едниот предмет се однесува на уништувањето на документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува на протестите пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се 7 лица кои се осомничени за кривичното дело фалсификување на службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство.