/Прочитано:

134

Три фактори за развој на градежништвото и севкупната економија

Препознавањето на квалитетната градба, важноста на сигурната инфраструктура, која ќе ја користат многу генерации, како и регионалното поврзување на градежните компании за реализација на регионални проекти се трите важни аспекти во функција на развој на градежниот сектор, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК). Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски, истакна дека е позитивен трендот на препознавање и информирање на купувачите на станбен простор за квалитетот на градбата, за примената на високи стандарди кога станува збор за високоградба, поточно градење на згради и на објектите за индивидуални домувања.

„Сè повеќе купувачите на станбен простор се интересираат за квалитетот на градбата и тоа е позитивен тренд кој треба заеднички градежните компании со потенцијалните купувачи да го развивaaт за граѓаните да знаат да препознаат квалитетна градба. Само на тој начин ќе се поттикнува квалитетот кој ќе трае и за следни генерации и ќе се дава кредибилитет на сериозните градежни компании.  Не смее да се нарушува угледот на инвеститорите со квалитетно портфолио зад себе поради поединечни случаи кои треба да се санкционираат. Имплементацијата на квалитетни материјали, со примена на најновите трендови за изградба на енергетски ефикасни станови со европски квалитет, долгорочно значат двојна заштеда. Заштедата на финансиите е цел на секоја индивидуа, семејство, а во тој контекст инвестицијата во енергетски ефикасните домови е потреба и значи заштеда за во иднина“, истакна Јаќимовски и посочи дека токму во делот на високоградбата сè уште состојбата е неизвесна и не се знае кога ќе се затвори проблемот со укинатите, а веќе донесени детални урбанистички планови (ДУП), што резултира со правна неизвесност на инвеститорите кои трпат големи финансиски штети.

Во делот на нискоградбата, поточно инвестиции во инфраструктура, изградбата на патиштата,  железница,  гасификација, кои спаѓаат во капитални инвестиции, очекуваме и апелираме на засилување на темпото во период што следува. Целта е искористување на средствата предвидени во буџетот на нашата земја бидејќи тие се основа не само за раст на градежништво туку и за севкупната економија.

„Во согласност со податоците на Министерството за финансии, нивото на реализација на капитални инвестиции за месец јануари е нешто над 1%, што е релативно ниско, но не е ненадоместливо бидејќи најголемата офанзива во градежништвото  зависи од временските услови, и во најголем дел се реализира  од 1 март до 15 декември. За 2019 предвидени се 418 милиони евра за крупните проекти во инфраструктурата  и неопходно е да се трошат средствата предвидени за  капитални проекти за природно да работат компаниите, да се покачуваат  платите, а со тоа и стандардот на живеење“, истакна Јакимовски и додаде дека капиталните инвестиции мора да се реализираат за да може да се направи исчекор во економијата и да не се преслика состојбата од минатата година.

Третиот важен аспект за раздвижување на градежниот сектор е да излеземе од границите, поточно ја истакнуваме важноста од регионалните градежни проекти во функција на развој на градежниот сектор, а со тоа и зголемување на конкурентноста и раст на економија на ниво на целиот регион.

„Градежните компании од регионот, здружени во конзорциуми и кластери, можат да ја унапредат продуктивноста и да бидат конкурентни да реализираат големи инфраструктурни проекти, како во регионот така и на трети пазари. Обединувањето на капацитетите во секторот градежништво значи унапредување на регионална економска соработка во областа на градежништвото“, изјави Јаќимовски.

Градежната комора на Македонија предупредува дека за успешна реализација на наведените три аспекти треба да се работи на надминување на сивата економија во секторот, која ја нарушува севкупната слика за градежништвото во нашата земја, особено делот високоградба.

„Токму во таа насока, со донесување на  Законот  за легализација на дивоградби треба да се стави фокус на елиминирање на нелојалната конкуренција бидејќи секоја регистрирана градежна компанија плаќа даноци кон државата и учествува во нејзиниот развој, за разлика од тие кои не плаќаат даноци. Отворени сме за соработка со институциите со наши предлози конструктивно да работиме на заштита на компаниите што работат според правилата и што придонесуваат во буџетот на државата “, додаде Јаќимовски.

Долгорочниот развој на секторот градежништво значи раст на сите 26 дополнителни стопански гранки поврзани со секторот, како и на севкупната национална економија.

М.В