/ Прочитано:

701

Компаниите бараат доследно применување на законите од областа на градењето и урбанизмот

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во Сојузот на стопански комори оствари средба со Градежната комора на Македонија и со Комората за геодетски работи. На средбата се дискутираше за законите во надлежност на Министерството за транспорт и врски, кои се во функција на подобрување на работата за компаниите во секторот градежништво.

Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски, истакна дека институциите и компаниите во секторот градежништво, како во делот на високоградба така и во делот на нискоградбата, треба да работат заедно на подобрување на условите.

„Во делот на нискоградбата, генерална оцена за годинава е дека има одредена реализација таму каде што како инвеститор се јавува државата:  во реализацијата на инфраструктурни проекти, во делот на гасоводна мрежа, во патната инфраструктура и слично. Заеднички стремеж на сите учесници во секторот градежништво во 2020 година треба да биде максимално вложување во согласност со предвидената динамика за реализација на проектите во целост. Локалната самоуправа врз база на своите надлежности да се придржува до законите кои се во надлежност на Министерството за транспорт. Во 2020 година треба да се дозволи приватниот сектор да  може да инвестира сè со цел придвижување на градежништвото, а со тоа и зголемување на економскиот раст. Сите инволвирани страни во системот треба да вложат максимални напори за реализација на предвидените проекти, а со тоа и зголемување на животниот стандард“, изјави Јаќимовски и додаде дека законите кои се во надлежност на Министерството за транспорт и врски треба да се применуваат доследно, соодветно да се почитуваат роковите предвидени во Законот за градење и Законот за просторно урбанистичко планирање, како и да продолжи воспоставената пракса на заедничко учество при донесување на новите закони.

Горан Јованоски,  претседател на Комора на трговски друштва за геодетски работи, истакна дека приватните геодетски фирми коишто ги застапува Геодетската комора се едни од главните носители во извршувањето на самиот процес на легализацијата.

„Имено, со подготовката и издавањето на геодетските елаборати, геодетските фирми се директни учесници во целокупниот процес на легализацијата. Со новиот Закон за легализација на бесправно изградените објекти би се отворил нов фронт за работа за приватната геодетска пракса, но истовремено би им се излегло во пресрет на сите граѓани кои од различни причини ги пропуштиле претходните рокови за поднесување барања за легализација“, изјави Јованоски и додаде дека Комората на трговски друштва за геодетски работи треба да биде информирана и консултирана за законските измени со цел како професионалци во струката да имаат можност да дадат придонес за што поефикасно донесување и спроведување на законската регулатива.

Компаниите за следната година се надеваат дека ќе има реализација на најавените проекти во градежништвото без проблеми. Растот и стабилноста на градежниот сектор значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.

Градежните компании истакнуваат јавните набавки да се извршуваат поквалитетно

Компаниите сметаат дека е потребно допрецизирање на Предлог-законот за урбанистичко планирање

Градежните компании со конкретни предлози за измените на законите од областа на градењето и урбанизмот

Компаниите укажуваат на недоречености во градежната регулатива

Измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за градење во собраниска процедура

Градежниците предлагаат промени на повеќе прописи од областа на градежништвото и безбедноста при работа

Потребна е реформа на законодавството од областа на градењето која ќе го заштити јавниот интерес

М.В