Тројца осомничени за убиство на ракометарот на РК „Бутел“, Денис Тот
Тројца лица се осомничени дека сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од Кривичниот Законик:
Убиство
Член 123
(1) Тој што друг ќе лиши од живот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
Соизвршителство
Член 22
Ако две или повеќе лица, со учество во дејствие на извршување или со друг особен придонес кон извршувањето на делото, заеднички сторат кривично дело, секое од нив ќе се казни со казната пропишана за тоа дело.
На двајца од тројцата осомничени, кои се товарат дека со нанесување на повреди на телото на ракометарот Денис Тот извршиле кривично дело „убиство“, им е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
Како што се наведува во соопштението на Јавното обвинителство, „Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.“
Министерството за внатрешни работи, пак, информира дека по обезбедените снимки и дополнителни мерки и активности од страна на СВР Скопје утврдени дека „на ден 07.04.2022 година, околу 03:30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р. Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) сите од Скопје, при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест“.