/ Прочитано:

545

УЈП и Државниот инспекторат за труд со заеднички контроли кај работодавачи што не исплатиле плати

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, и директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, информираа за заедничките контроли што ги спроведоа УЈП и ДИТ врз работодавачи на кои им била исплатена финансиска поддршка за исплата на плати која не ја префрлиле на сметката на работниците.

Лукаревска информираше дека УЈП и ДИТ уште во декември 2020 почнале со координирани контроли кај овие даночни обврзници, при што како критериум бил земен износот на добиена финансиска поддршка, бројот на вработени, обврзници кои немаат исплатено плата повеќе од еден месец и обврзници за кои се добиени пријави за неправилности во однос на исплатата на плата. УЈП извршила контроли кај 60 даночни обврзници од дејностите: подготовка на оброци и служење на храна, изградба на згради, копнен транспорт и цевоводен транспорт, објекти за сместување, производствена дејност, трговија на мало, туристички агенции, градежништво итн.

Од спроведените контроли, УЈП утврдила дека кај 16 даночни обврзници било констатирано неисполнување на условот за добивање на финансиска поддршка во однос на намалување на приходите за одредени месеци, кај седум даночни обврзници бил намален бројот на вработени по месецот во кој била одобрена финансиска поддршка, од кои еден даночен обврзник веќе имал извршено враќање на добиената финансиска поддршка, кај двајца даночни обврзници било констатирано неисполнување на условот за добивање на финансиска поддршка во однос на намалување на приходот и во однос на намалување на вработените кое било поголемо од предвиденото во уредбата и законот.

Лукаревска посочи дека работодавачите имаат обврска, во согласност со уредбата, т.е. законот, да ги вратат добиените финансиски средства во целост, заедно со камата во согласност со Законот за даночната постапка, доколку по извршена контрола од страна на УЈП и/или ДИТ се утврди дека не ги исполниле пропишаните условите. Врз работодавачот корисник на финансиска поддршка кој дал изјава за исполнетоста на условите за користење на финансиска поддршка, а не ги исполнил ќе се применуваат одредбите од Кривичниот законик. Управата за јавни приходи соработува со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со цел нивно понатамошно постапување, односно покренување на кривична постапка. Кај двајца даночни обврзници УЈП се соочила со несоработка од страна на обврзникот и одговорните лица, поради што постапката била насочена до Управата за финансиска полиција. Кај истите овие обврзници биле спроведени контроли од страна на ДИТ за неисплатени плати на работниците.

Лукаревска рече и дека кај 11 даночни обврзници од текстилната и чевларска индустрија, како и обврзници кои се занимаваат со продажба на кондиторски производи во тек било спроведување на насочени контроли по основ на данок на добивка, ДДВ и данок на личен доход, поради утврдени одредени отстапувања во податоците од даночните пријави и годишната сметка. Контролите на даноци се спроведувале за изминатите пет години. Директорката повторно го потенцираше механизмот на УЈП, односно присилната наплата, како и контролниот механизам, вклучувајќи ги и координираните контроли со ДИТ и дојавата до други надлежни институции, кои се во насока на враќање на средствата од злоупотребата на државна помош и изрекување на казни на сторителите, т.е. на управителите за сторените злоупотреби.

Директорката на Државниот инспекторат за труд рече дека ДИТ спровел 74 надзори кај исто толку правни субјекти, а надзори спровеле и во десет текстилни фабрики. Предмет на надзорите на ДИТ било тоа дали работодавачите им исплатиле плата и придонеси од плата на работниците (во согласност со чл. 109 од Законот за работни односи) и дали исплатената плата е во износ на утврдената минимална плата утврдена со закон и утврдената основна плата во договорите за вработување (чл. 107 од ЗРО и чл. 2 од Законот за минимална плата).

Тренчевска посочи дека неправилности имало кај 41 работодавач, за што биле донесени решенија со опомена работодавачите да ги отстранат утврдените неправилности. Овие неправилности се однесувале на неисплатена плата и придонеси од плата на работниците во рокот утврден во Закон за работните односи (најдоцна по истекот на 15 дена), како и доплата на плата до износот на минималната плата кај оние работодавачи кои исплатиле плата во износ понизок од минималната плата, утврдена со Законот за минимална плата (14.943,00 денари). По спроведените 17 контролни инспекциски надзори се утврдило дека десет работодавачи постапиле по донесените решенија и ја отстраниле неправилноста, односно им исплатиле плата на работниците, шест работодавачи не постапиле по решението за опомена, за што им е изречена инспекциска мерка  решение со наредба во согласност со одредбите од ЗРО и даден е рок за постапување, а кај еден работодавач кој не постапил по решението со наредба изречена е глоба и издаден прекршочен платен налог (микроправен субјект до десет вработени 200 евра за одговорното правно лице и 150 за одговорното лице во правното лице).

Тренчевска нагласи дека спроведените контроли имаат превентивен ефект, што може да се констатира и од намалениот број на утврдени неправилности при инспекциските надзори, што значи дека превенцијата и зачестените инспекциски надзори довеле до поголема одговорност кај работодавачите во почитувањето на законските одредби. За жал, рече таа, сѐ уште има работодавачи кои не ги почитуваат законите, а со тоа ги кршат работничките права. Државниот инспекторат за труд и во наредниот период ќе спроведува интензивни инспекциски надзори, и ќе бидат санкционирани сите оние работодавачи кои не ги почитуваат законските одредби.

„Исто така, ќе продолжиме со координираните акции со УЈП со цел платите на вработените редовно и во согласност со закон да се исплаќаат, како едно од основните права од работен однос“, рече Тренчевска.

М.В