/ Прочитано:

4.335

УКИМ ГИ НАГРАДИ НАЈДОБРИТЕ СТУДЕНТИ: Доделена награда на Андријана Коруновска за најдобар дипломиран студент на „Јустинијан Први“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ги додели наградите и пофалниците на своите најдобри студенти за учебната 2016/2017 година.Традиционално, наградите за најдобрите дипломирани студенти се доделуваат еднаш годишно, на најдобриот дипломиран студент на прв циклус студии на секој факултет на Универзитетот во секоја учебна година.

Во своето обраќање пред најдобрите дипломирани студенти и пред претставниците на академската заедница, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, истакна дека студентите се гордост на Универзитетот и дека нивниот успех говори за квалитетот на високото образование.

Ректорот Јанкуловски им посака големи успеси на наградените студенти во нивниот понатамошен професионален развој, за кој клучни се и знаењата стекнати во рамки на нивните студии, на кои им се посветиле со голем ентузијазам. Златникот со ликот на свети Кирил и Методиј го добија 23 студенти, помеѓу кои и Андријана Коруновска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, која дипломирала со средна оценка 10,00.

Коруновска за Академик вели дека ваквата награда од УКИМ за неа претставува инспирација и поттик за нови успеси во  образованието и професијата. Ваквото признание од УКИМ, нагласува Коруновска, ми значи многу и претставува голем мотив за мене.

Во рамки на доделувањето на наградите за најдобрите дипломирани студенти, на денешниот настан беа доделени и наградите „26 јули“ на најдобрите студенти за учебната 2017/2018 година од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите на УКИМ, кои се поддржани од средствата на фондацијата „Франк Харкорд Манинг“ од Лондон, Велика Британија. Од Правниот факултет „Јустинијан Први“ наградата „26 јули“ ја добија Ирена Тачовска и Лејла Тутиќ.

М.В