/Прочитано:

3.054

Се одржа XXI Ораторска вечер „Иво Пухан“

На Правниот Факултет „Јустинијан Први” – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се одржа традиционалната Ораторска вечер „Иво Пухан“. Амар Мециновиќ, со говорот на тема „Acta non verba”, е победникот на XXI Ораторска вечер „Иво Пухан“. На Ораторската вечер учествуваа дванаесет финалисти, студенти на Универзитетот, кои говореа на слободно избрани теми, кои беа избрани како најдобри од триесеттемина учесници во подготовките за Ораторската вечер. Манифестацијата, истакнуваат од Правниот факултет „Јустинијан Први“, 20 години им овозможува форум на студентите од Факултетот и Универзитетот да го изразат својот став и да промовираат што е ораторството и што треба да биде.

Ораторската вечер се одржа во свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје и на неа настапија: Стојан Николов, со говорот на тема „Иселување на младите”, Горјан Аревски, со говорот на тема „Националисти – камбаните бијат за нас!”, Никола Крстевски, со говорот на тема „Високото образование како одраз на современото општество”, Амар Мециновиќ, со говорот на тема „Acta non verba”, Марија Филева, со говорот на тема „Корпоративна општествена одговорност”, Анѓела Ѓошевска, со говорот на тема „Роботи”, Дејан Грујевски, со говорот на тема „Македонски јазик”, Филип Дракалски, со говорот на тема „Зошто заминуваме од себе”, Кристијан Пејиќ со говорот на тема „Безизлез”, Симона Томчевска, со говорот на тема „Аерозагадување”, Иво Ристевски, со говорот на тема „Охрид – бисер на Балканот” и Маријана Китановска, со говорот на тема „За Матка, за Данска и сонот во една магла”.

На Ораторската вечер се доделуваат три награди во редовна категорија (прво, второ и трето место) и наградата „Бранко Ѓорчев“ како специјална награда. Според одлуката на стручното жири, Амар Мециновиќ, со говорот на тема „Acta non verba”, е победникот на XXI Ораторска вечер „Иво Пухан“.

Второто место на натпреварот го освои Маријана Китановска, трета година на Правните студии, за говорот „За Матка, за Данска и сонот во една магла“, а третото место го освои  Кристијан Пејиќ, исто така трета година на Правните студии, за говорот „Безизлез“. Специјалната награда „Бранко Ѓорчев“ за најдобар сценски настап ја доби Филип Дракалски, прва година на Медицинскиот факултет, за говорот „Зошто заминуваме од себеси?“

Традиционален покровител на овој настан е „Еуролинк осигурување“, како дел од нивната платформа за општествена одговорност „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности “.

Ораторската вечер „Иво Пухан“ се одржа во рамките на Деновите на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Традиционалната Ораторска вечер на Правниот факултет „Јустинијан Први“, која секоја година се одржува и по повод светскиот Ден на човековите права – 10 декември, го носи името на легендарниот професор по Римско право д-р Иво Пухан, втемелувачот на Катедрата за правно-историски науки, истакнат проучувач на римското право и, како што истакнуваат неговите современици и студенти, брилијантен оратор.

M.В