/ Прочитано:

238

Укинат делот „националност” во три члена од Законот за матична евиденција

Соопштение од Уставниот суд

Уставниот суд го укина делот „националност” во три члена од матичната книга на родените, на венчаните и матичната книга на умрените, конкретно во членот 4 став 1 точка 2, членот 11 став 1 точка 1 и членот 13 став 1 точка еден од Законот за матична евиденција.

Уставниот суд оцени дека барањето на овој податок од  граѓаните при впушувањето во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на национална припадност, предвидена со член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот.

Овој член од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право  да не се изјасни по ова прашање вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше возможно со деловите од одредбите кои денеска се укинати.

Уставниот суд ја донесе одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден  тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните.

Дополнително преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот.

Со оглед на денешната одлука, повеќе не постои правен основ во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста.

Иницијативата е поднесена во јули 2023 година од страна на политичката партија „Левица”.