/ Прочитано:

1.375

Уставниот суд во среда ќе донесе конечна одлука за Законот за помилување

При првото разгледување на Иницијативата беше прибавено мислење од Собранието, како орган што го донел Законот, во кое беше наведено дека измените и дополнувањата на Законот за помилување се во функција на допрецизирање и усогласување на основниот закон и дека смета дека не треба да се поведе постапка.

USTAVEN SUD 6

Предлогот за одлучување, со нацрт-одлука по предметот за Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување Уставниот суд ќе го разгледува во среда, на 16 март, кога ќе се знае конечната одлука дали оспорениот закон ќе биде укинат или постапката ќе биде запрена.

Вчера Уставниот суд информираше дека уставните судии го усвоиле текстот на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

Од Уставниот суд рекоа дека Решението треба да го достават до органот што го донел прописот, во овој случај Собранието, и да му определат рок во кој органот треба да достави одговор, односно мислење за поведувањето на постапката за оценување на уставноста на Законот.

„Доносителот на прописот не мора да даде одговор, но сепак таа можност постои во Деловникот и ние мора да ја испочитуваме процедурата во целост“, велат од Уставен.

При првото разгледување на Иницијативата беше прибавено мислење од Собранието, како орган што го донел Законот, во кое беше наведено дека измените и дополнувањата на Законот за помилување се во функција на допрецизирање и усогласување на основниот закон и дека смета дека не треба да се поведе постапка.

Од Судот велат дека секогаш се земаат предвид мислењата на органите кои ги донеле прописите, но тие не се пресудни при одлучувањето.

Измените на Законот за помилување кои се оспорени опфаќаат:

„Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето, кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги од и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“, стои во измените од 2009 година.

Покрај тоа, со измените се утврдени постапката за барање за помилување и ингеренциите на Комисијата за помилување при одлучување по барањата.

Прифаќањето на иницијативата предизвика протести од страна на невладините организации кои бараат да не се дозволува помилување за изборни нерегуларности и за полов напад врз деца.

М.С.