/ Прочитано:

562

Уставните и деловничките одредби за прашањето за доверба на Владата

„Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.

Собранието може да изгласа недоверба на Владата.

Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници.

Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.

Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка“, се пропишува во членот 92 од Уставот.

Во деловникот на Собранието, исто така се пропишува дека прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници.

Прашањето за доверба на Владата се поднесува во писмена форма и мора да биде образложено.

Прашање за доверба на Владата може да постави и претседателот на Владата во писмена форма или усно на седницата на Собранието.

Прашањето за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на Републиката, а кога прашањето за доверба на Владата претседателот на Владата го поставува усно на седницата на Собранието, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Прашањето за доверба на Владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата.

За поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница. Седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата.

Рокот почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата.

По поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес.

Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути.

Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.

Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.

Во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на Владата усно на седницата на Собранието, Собранието гласа за доверба на Владата на истата седница, без расправа.

Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата.

За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

М.В