Усвоени програми за работа на повеќе јавни претпријатија, агенции, самостојни управни органи
„Владата ја одржа 39-тата седница, посветена на информациите за годишните програми и планови за работа на повеќе јавни претпријатија, агенции, самостојни управни органи и управни организации, согласно буџетските средства предвидени за 2021 година и планот за рационализација.
На оваа седница, министерот за здравство Венко Филипче ги запозна членовите на Владата со најновите информации за набавката на мРНА (мРНК) вакцини против КОВИД-19 од производителот Фајзер (Pfizer) односно информираше за продолжувањето на интензивните контакти за набавка и испорака на оваа вакцина, вклучувајќи ги аспектите на постапката за набавка која треба да се спроведе, како и аспекти на регистрација на вакцината во Република Северна Македонија.
На предлог на Министерството за економија, беше разгледана и усвоена Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година. Според истата, предвидено е средствата од дел I на оваа програма во вкупен износ од 52.000.000,00 денари да се користат за следните мерки:
1. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30%, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 6.000.000 денари;
2. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 70%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 2.000.000 денари за лица со ниски примања;
3. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 19.000.000 денари;
4. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 3.000.000 денари за категоријата на лица со ниски примања;
5. надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на печки на пелети во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 11.000.000 денари;
6. надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 3.000.000 денари за категоријата на лица со ниски примања.
7. надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 8.000.000 денари.
Корисници на оваа програма во категоријата на лица со ниски примања се:
а) лицата со ниски примања кои се вработени или едниот брачен другар да е вработен и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 30.000,00 денари.
б) лицата со ниски примања кои се пензионери или едниот брачен другар да е пензионер и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 20.000,00 денари;
в) ранливи потрошувачи како што се дефинирани во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2021 година.
Надоместокот на дел од средствата од дел II од оваа програма ќе го остварат лицата кои досега не користеле средства од Буџетот на Република Северна Македонија за наведените мерки во дел II од оваа програма.
На седницата беа разгледани и усвоени Програмата за изградба и реконструкција на основни училишта и Програмата за изградба и реконструкција на средни училишта за 2021 година, на предлог на Министерството за образование и наука.
Согласно Програмите се планира распределба на средства за градби и реконструкции, стручно технички надзор во процесот на градежните активности, обезбедување на техничка документација, податоци и услуги од страна на јавни институции и средства за непредвидени работи и вишоци за училишни објекти за основни училишта и средни училишта во рамките на обезбедените средства во Буџетот на Република Северна Македонија за оваа година. За Програмата која се однесува на основните училишта се планираат средства за реализација во вкупен износ од 328.080.000 денари кои меѓу другото се однесуваат и на изградба на нови училишта во с. Батинци, с. Мала Речица, нас. Визбегово, с. Долно Блаце, Општина Чаир-Скопје, како и реконструкција и доградба и надградба на постојни училишни објекти, со техничка и подготвителна документација.
Во однос на Програмата за изградба и реконструкција на средни училишта за 2021 година се планирани средства за реализација во вкупен износ од 19.700.000 денари, кои се распределуваат за реконструкција, доградба и подготовка на стручна документација за повеќе средни училишта во Тетово, Прилеп, Свети Николе, Штип.
Владата ја усвои и Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот од 2021 до 2027 година, откако ја разгледа и усвои Информацијата за Предлог-националната стратегија за земјоделството и рурален развој за периодот од 2021 до 2027 година.
Од оваа област беа усвоени и програмите за 2021 година и тоа: за развој и унапредување на ловството и за одгледување и заштита на дивечот во репроцентрите, за спроведување на мониторинг во областа на производството, реработката, складирањето, дистрибуцијата, употребата и сообразноста на ѓубрињата, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата, како и контрола на квалитетот на ѓубрињата, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата за 2021 година.
Членовите на Владата, во рамки на седницата ги разгледа и усвои:
– Информацијата за Предлог-Годишната програма за работа и Предлог-годишниот финансиски план за 2021 година и Информацијата за предлог-Среднорочна програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за 2021-2023 година на Фондот за иновации и технолошки развој, при што ги донесе Одлуките за давање согласност за истите.
Владата ја разгледа и ја усвои и Информацијата за отпочнување со реализација на проектот: Изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“, Општина Штип, при што даде согласност за преземање на обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во 2021, 2022 и 2023 година на Министерството за транспорт и врски, за Изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“, Општина Штип, во вкупна вредност од 460 милиони денари со ДДВ, со динамика на плаќање и тоа:
- 2021 година – средства во износ од 160 милиони денари со вклучен ДДВ;
- 2022 година – средства во износ од 150 милиони денари со вклучен ДДВ; и
- 2023 година – средства во износ од 150 милиони денари со вклучен ДДВ.
Притоа беше задолжено Министерството за транспорт и врски да ги прикаже потребните буџетски средства во буџетскиот циркулар за соодветните фискални години, а Министерството за финансии да ги има предвид при утврдување на Буџетот на Република Северна Македонија за соодветните фискални години“, се наведува во соопштението на Владата.
М.В