/ Прочитано:

1.516

Влошена состојбата со основните човекови слободи и права во светот

Корупцијата, употребата на тортура, сексуално малтретирање на жените и дискриминација против малцинствата се зголемени во некои делови од светот. Во нагорна линија се движи и ограничувањето на медиумите и интернет слободата, како и сузбивање на политичките опозициски групи и неможноста народите сами да избираат свои влади. Што се однесува до состојбата со човековите права во Македонија, извештајот на Стејт департментот се фокусира на работата на Специјалното јавно обвинителство.

Во годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2016 година, се наведува дека состојбата со основните слободи на изразување  и собири низ светот е сериозно влошена. Во овој извештај е констатирано и влошување на условите за работа на активистите за човекови права, како и на опозициските партии и групи во голем број земји.

Најголема загриженост во овогодишниот извештај на Стејт департментот предизвикуваат Филипини, Турција, Кина и Венецуела, иако во него не постои рангирање на државите.

„Корупција, употреба на тортура, сексуално малтретирање на жените и дискриминација против малцинствата се зголемени во некои делови од светот. Во нагорна линија се движи ограничувањето на медиумите и интернет слободата, како и сузбивање на политичките опозициски групи и неможноста народите сами да избираат свои влади. Во Филипини е констатирано дека расте бројот на убиствата на дилерите на дрога од страна на полицијата, но и од страна на други лица кои не се припадници на силите на редот. Во Турција во 2016 година се уапсени илјадници луѓе кои владата, најчесто без докази, ги обвини дека го поддржале обидот за воен удар. Особено загрижува фактот дека во Турција масовно се апсат новинари. Во Кина и понатаму е присутна репресијата на лицата што се занимаваат со заштита на граѓанските и политичките права, а како резултат на тоа, и понатаму има десетици илјади политички затвореници, иако кинеските власти го негираат ова. Во Венецуела постои систематска и политизирана употреба на судството со кое се застрашуваат и се гонат критичарите на власта“, се наведува во извештајот на Стејт департментот.

Што се однесува до состојбата со човековите права во Македонија, извештајот на Стејт департментот се фокусира на работата на Специјалното јавно обвинителство. Главната забелешка е дека од почетокот на формирањето на оваа институција, партијата на власт во тесна соработка со дел од медиумите води координирана кампања, за да ги намалат кредибилитетот и професионалноста на обвинителството.

Во овој извештај се посочува дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ постојано ја попречува работата на обвинителството и јавно ја критикува специјалната  обвинителка Катица Јанева, тврдејќи дека е некомпетентна и политичка алатка на опозицијата.

„Помилувањата на претседателот Ѓорге Иванов во април минатата година замрзнаа повеќето од случаите на Специјалното обвинителство. Судскиот систем, исто така, одигра своја улога во попречувањето на ефективноста на канцеларијата на специјалниот јавен обвинител“, се посочува во извештајот на Стејт департментот, во кој се нагласува дека во судскиот систем се констатирани силно политичко влијание, неефикасност, наклонетост кон функционери, како и селективна правда.

Во извештајот се забележани и бројни напади на новинари, со конкретни примери за физички напади и малтретирање на медиумски работници. Забелешки има и за почитувањето на другите човекови права, вклучувајќи малтретирање на затвореници и лоши услови во затворите. Во извештајот, исто така, пишува и дека Владата недоволно истражува, процесира и казнува официјални претставници кои направиле прекршоци, вклучително и полициските службеници виновни за прекумерна употреба на сила.

Иако досега практика беше извештајот на Стејт департментот да го презентира државниот секретар на Соединетите Американски Држави, тоа оваа година не се случи, бидејќи новиот државен секретар на САД, Рекс Тилерсон, лично одби да го објави документот. Тој само испрати писмо до Американскиот конгрес, во кое не спомнува загриженост за конкретни случаи на повреда на човековите права. Во неговото писмо се вели само дека промовирањето на правата и демократијата во светот претставуваат суштински елемент на американската надворешна политика.

А. Б.