/ Прочитано:

1.262

За избегнување долги и скапи судски постапки

Во Хрватска се спроведува платформа за решавање спорови преку Интернет

Во Република Македонија, пак, сè уште нема решавање на споровите на ваков начин. Што се однесува до потрошувачите и решавањето спорови, кај нас постојат Законите за заштита на потрошувачите и Законот за медијација.

akademik111.png

Во Хрватска се спроведува платформа, предложена од Европската комисија, за решавање на споровите преку Интернет, а за тоа се задолжени телата за алтернативно решавање на споровите.

Како што велат од Европската комисија, таа платформа ќе им овозможи на потрошувачите и на трговците само со еден клик решавање на споровите поврзани со купувањето преку Интернет. Тоа ќе овозможи решавање на спорови поврзани со купувањето во државата и во странство, и тоа без потреба за долготрајни и скапи евентуални судски постапки. Со платформата ќе се зајакне довербата во купувањето преку Интернет и значајно ќе се придонесе за стратегијата на ЕУ за единствен дигитален пазар.

Порталот „пословни.хр“ објавува дека од Хрватското здружение на работодавачи нагласуваат дека според Уредбата за обврските на трговците што учествуваат во договорите при онлајн продажби или услуги, тие треба да постават електронски линк на леснодостапно место на своите интернет-страници, на кој ќе биде објавена платформата за решавање спорови преку Интернет.

Во Република Македонија, пак, сè уште нема решавање на споровите на ваков начин. Што се однесува до потрошувачите и решавањето спорови, кај нас постојат Законите за заштита на потрошувачите и Законот за медијација.

akademik51.jpg

Така, нашето законодавство, конкретно Законот за заштита на потрошувачите, го познава поимот „договор на далечина“, што претставува секој договор склучен меѓу трговецот и потрошувачот во рамките на организирана шема за продажба или давање услуги на далечина, без физичко и истовремено присуство на трговецот и потрошувачот, преку исклучителна употреба на еден или повеќе средства за комуникација на далечина до склучувањето на договорот, вклучувајќи го и моментот на склучување на договорот.

За решавањето на евентуални спорови на мирен начин, Законот за медијација ја дефинира медијацијата како посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација, во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува да го решат спорниот однос по пат на преговарање, на мирен начин, со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори со цел да се постигне заеднички прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

Медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, од областа на заштитата на животната средина итн.

Во меѓусебниот облигационен договор страните може да внесат одредби со кои се обврзуваат во случај на спор, да се обидат да го решат спорниот однос по пат на непосредно преговарање или медијација пред започнувањето на судската или друга постапка за правна заштита.

Оваа платформа во Хрватска е дел од хармонизираното законодавство на ЕУ, па така, кога Република Македонија ќе стане дел од ЕУ, и таа ќе мора да ја спроведе оваа новина која, се разбира, ќе претставува олеснување во споровите меѓу потрошувачите и трговците.

С.М.