/ Прочитано:

942

Во подготовка измени на Законот за животната средина

 

Министерството за животна средина и просторно планирање подготвува измени на Законот за животната средина.

Целта на законските измени е дефинирање и воспоставување на систем за идентификување и управување со контаминираните подрачја заради надминување на негативните влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето, подобрување и унапредување на постапката за спроведување на стручните испити за оцена на влијанието на проектот врз животната средина.

Измените, додаваат од Министерството, се и во насока на стратегиско оценување на животната средина и постапување со средства за ладење и/или производи кои содржат средства за ладење, како и појаснување и допрецизирање на одредбите за надоместоците за животна средина.

„Главен проблем поради кој се пристапи кон измени и дополнување на Законот за животната средина е непостоење одредби во законот со кои се дефинира, се идентификува управување со контаминирано подрачје на коешто е утврдено загадување на медиумите на животната средина, при што сериозноста од можните влијанија на животната средина и здравјето на луѓето е со такво значење што е неопходна ремедијација на истото. Исто така, врз основа на досегашното спроведување на одредбите од законот со кои се пропишува спроведувањето на стручните испити за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, стратегиска оцена на животната средина и постапување со средства за ладење и/или производи кои содржат средства за ладење, се увиде потребата од допрецизирање на одредбите во законот со кои се уредува ова прашање. Дополнително, утврдена е потребата и за допрецизирање и доуредување на делот за надоместоци за животната средина за поефикасна наплата, како и стимулирање на поеколошко однесување“, образложуваат од Министерството за животна средина.

Со Законот за животната средина се уредуваат правата и должностите на Република Македонија, на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и правата и должностите на правните и на физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

М.В