/ Прочитано:

1.092

За рочиштето за „Дива Населба“ закажано за в понеделник гарантиран е влезот за адвокатите и за новинарите

Во вторникот беше одложено рочиштето за случајот „Дива Населба“ бидејќи иако му беше отстапена на користење големата сала во Врховниот суд на Кривичниот суд, во неа влегоа само обвинетите и обвинителите, додека адвокатите, новинарите и јавноста остана надвор.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Во понеделник, за кога е закажана новата главна расправа за случајот „Дива Населба“, адвокатите, новинарите и јавноста ќе можат да присуствуваат на судењето, потврдила судската полиција на Врховниот суд,  информираат од Кривичниот суд.

„Кривичниот суд во текот на денешниот ден беше известен од судската полиција на Врховниот суд на РМ дека за главната расправа, закажана за 6.6.2016 година во 10:00 часот, ќе биде овозможен пристап до судската сала на Врховниот суд преку службениот влез на судот“, велат од Кривичен.

Во вторникот беше одложено рочиштето за случајот „Дива Населба“ бидејќи иако му беше отстапена на користење големата сала во Врховниот суд на Кривичниот суд, во неа влегоа само обвинетите и обвинителите, додека адвокатите, новинарите и јавноста остана надвор.

Судот пред две недели предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба го спои со предметот „Дива Населба“.

По спојувањето на двата предмети, Кривичниот суд не можеше да најде соодветна просторија каде што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на судењето. Преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд која претходно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, не сакаше да ја отстапи поради безбедносни причини.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.