Заклучоци од Форумот за судските реформи, казнената политика и пробацијата, во организација на Здружението на судии
Здружението на судии на РМ ги објави заклучоците од Форумот „Пристап до правдата преку правни и судски реформи за подобрување на судството, казнената политика и пробацијата“
Интегралниот текст на заклучоците:
- Форумот ги поддржува реформите и активностите и сугерира поголема вклученост на судиите во овој процес.
- Овој реформски процес треба да резултира со мерки кои ќе ја зајакнат „судската независност и одговорност“ уредувајќи ги особено статусните прашања, процесните закони и финансиската независност.
- Потребно е да се согледаат компаративните искуства и добрите практики, кои беа изнесени на овој форум, со цел креирање на адекватни законски решенија, во насока на етаблирање на транспарентни механизми за евалуација и одговорност на судиите, со посебен фокус на реформа на улогата и надлежностите на Судскиот совет на Република Македонија.
- Потребно е ревидирање на критериумите и на постапката за избор и евалуација на судиите.
- Здружението на судии има и треба да има клучна улога во реформите за судството, за што најдобар доказ е дека најголемиот дел од заклучоците на расправите се внесени во Стратегијата за реформи.
- Во насока на зајакнување на независноста на судиите потребно е да се градат мерки за личен интегритет на судијата. Судијата треба да биде надвор од политичките збиднувања во согласност со позитивниот пример и во САД.
- Од исклучителна важност е доследното имплементирање на Стратегијата за реформа на правосудството, која има неколку главни цели кои претставуваат единство и претпоставуваат фазно надминување на лоцираните слабости во правосудството.
- Забелешките на дискусијата за казнената политика на судовите на Република Македонија упатуваат дека укинувањето на Законот за видот и одмерувањето на казните било позитивен чекор во однос на враќањето на интегритетот на судијата при одлучувањето.
- Таквиот начин на одмерување на казните не требаше да биде подигнат на ниво на закон, туку можеше да има консултативна улога која ќе им помогнеше на судиите.
- Во насока на воедначување на казнената политика на судовите во Република Македонија, потребно е ревидирање и функционирање на механизмите на Врховниот суд на РМ и апелациските судови. Секакви ад хок административни тела за воедначување на казнената политика само административно треба да помагаат во воедначувањето на политиката без да имаат судски надлежности.
- Потребно е утврдување на натамошна стратегија за воедначување на казнената политика на судовите по укинување на Законот за одмерување на казните.
- Анализата на казнената политика на судовите на Република Македонија треба да понуди одредени толкувања за дилемите на експертската јавност (судиите, обвинителите и адвокатите) при примената на Законот за одмерување на казната, имајќи ги предвид предлозите и препораките од анкетираните целни групи, разговорите со релевантните претставници како и разгледаните пресуди од судовите.
- Овој форум се залага за примена на пробацијата имајќи ги предвид и европските пробациски правила и пробацијата од аспект на Советот на Европа.
- Транспарентноста придонесува кон креирање на доверба во судството која треба да биде заснована на реални и мерливи критериуми за мерење на довербата во судството.
- Клучно во сите понатамошни измени е осовременувањето на законодавството, особено во поглед на барањата на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави.
- Форумот се залага за формирање на независно судско медиумско тело кое ќе придонесе за воспоставување на соработка меѓу медиумскиот и судскиот сектор и градење на соодветни стандарди.
- Овој форум се залага за успешно градење на отворено општество, односно воспоставување соработка со невладиниот сектор за промоција на работата на судовите.
- Овој форум укажува на потребата за балансиран медиумски пристап, односно упатува на ниво на транспарентност која нема да им наштети на судските процеси и ќе ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите во постапката.
Анализа на казнената политика на судовите во Република Македонија
Транспарентноста на судството е клучна за правната сигурност
М.В