/ Прочитано:

1.380

Заштита од хакерски напад во адвокатските канцеларии

Адвокатите често мислат дека никој не би бил заинтересиран токму ним да им направи каков било упад во системот, но сепак статистиката покажува дека 80 % од адвокатските канцеларии во САД биле жртва на хакерски напад, а останатите 20 % дури и не се свесни и не знаат дека некој упаднал во нивниот систем на информации.

Илустрација, хакерски напад

Минатиот месец во Чикаго, САД, била одржана конференција на тема поврзана со правната заштита и технологијата, чиј организатор била Американската адвокатска комора.

Од предавачите биле извлечени заклучоци и практични совети кои се препорачливи за адвокатите и за адвокатските канцеларии, во врска со заштитата на нивните информации и заштита од хакерски упади во нивните системи.

Дел од предавачите на конференцијата, техничките консултанти Адриjана Линарес, Кристофер Согојан и адвокатката Марсија Хофман им ги пренеле своите размислувања и совети на адвокатите за подобро, посигурно и поефикасно функционирање на нивниот бизнис.

Тие советуваат, пред сѐ, адвокатите да бидат повнимателни и проблемот со хакирањето да го сфатат посериозно и навреме да преземат мерки за да се заштитат. Адвокатите често мислат дека никој не би бил заинтересиран токму ним да им направи каков било упад во системот, но сепак статистиката покажува дека 80 % од адвокатските канцеларии во САД биле жртва на хакерски напад, а останатите 20 % дури и не се свесни и не знаат дека некој упаднал во нивниот систем на информации.

Понатаму, адвокатските канцеларии треба дополнително да ги зачувуваат своите податоци во случај да се случи некоја техничка несреќа со нивните компјутери, поплава, пожар итн. Исто така зачувувањето на податоците на друг компјутер е мошне корисно во случај на софтверски вирус на системот или масовен хакерски упад.

Предавачите советуваат дека сопствениците на адвокатските канцеларии треба и да ги едуцираат своите вработени, за сајбер-заштитата и како да постапат кога ќе се соочат со таква опасност.

Сепак, во секојдневното работење никогаш не можете да бидете 100 % сигурни дека сте ја оствариле заштитата на своите системи. Најдоброто што може да се направи е да се преземат овие чекори во првична заштита на податоците и на компјутерскиот систем со цел да се биде чекор пред хакерите или пред потенцијалните незгоди.