/ Прочитано:

4.246

25 години Армија на Република Македонија

Процесот на создавање на македонската армија, како што нагласуваат воените историчари, е во согласност со традициите на Разловечкото, Македонското (Кресненско) и Илинденското востание, започнат со формирање на Првиот баталјон „Мирче Ацев″, прва регуларна воена единица на македонскиот народ.

Баталјонот „Мирче Ацев“ се формира со наредба на Штабот на II оперативна зона на 18 август 1943, на Славеј Планина, а го сочинувале борци од одредите „Даме Груев″, „Димитар Влахов″ и други од подрачјето на Западна Македонија.

Штабот на баталјонот бил составен од следниве органи: командант; политички комесар; заменик командант; заменик на политичкиот комесар; аѓутант. Баталјонот бил составен од две до три пешадиски чети; едно бомбашко одделение; митралеска чета, вод за врски, пионерски вод и санитетска чета.

Во подготовките на баталјонот видно учество зел адвокатот Петре Пирузе Мајски,  прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja. Под раководството на Мајски се регрутираат борци и се формираат партизански одреди и баталјони.

Денес, одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.

Во член 122 од Уставот на Република Македонија се вели дека вооружените сили на Република Македонија ги штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката и дека одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

„Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката. Армијата има постојан и резервен состав. Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката“, е утврдено во Законот за одбраната.

Службата во Армијата е регулирана со Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата. Исто така, под служба во Армијата се смета и вршење должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани во согласност со ратификувани меѓународни договори кои ги склучила Република Македонија или им пристапила.

Воениот и цивилниот персонал, при стапување на служба во Армијата, усно дава заклетва и писмено ја потпишува, а таа гласи:

„Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест”.

M.В