/ Прочитано:

6.194

А ПО БРАКОТ, РАЗВОД…

Во Република Северна Македонија, и правно и de facto, традиционалното семејство се започнува со склучување на брак помеѓу мажот и жената. Македонското законодавство засега не дозволува склучување на истополови бракови, и покрај тоа што одреден дел од европските и светските законодавства ја имаат правно регулирано и оваа проблематика, па и во случај  македонски државјанин да склучи брак со лице од ист пол во друга држава, неговото спроведување во матичната евиденција во РСМ не  е дозволено.

Но кога бракот станува „затвор“ за еден или за двајцата сопружници, неизбежна е постапката на развод. Тешка, мачна, емоционално и социјално чувствителна тема за секој еден кој го минува овој трнлив пат.

Брачните другари кои одлучиле да се разведат пожелно е да посетат адвокат кој има искуство со водење на бракоразводната постапка.

Во согласност со официјалните податоци на Државниот завод за статистика на РСМ, разводот на браковите бележи пад во 2022 година во однос на 2021 година. Имено, бројот на разводи во 2022 година бележи намалување од 17,9% во споредба со 2021 година и изнесува 1613 разведени бракови. Според возраста, најголем број на разводи, 298 или 18,5% кај жените и 281 развод или 17,4% кај мажите, се случиле во истата старосна група од 30 до 34 години.  Според траењето на бракот, најмногу разводи, 360 или 22,3%, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Постапката за развод на бракот започнува со поднесување предлог за спогодбен развод на бракот или со тужба за развод од страна на едниот брачен другар преку адвокатот до надлежниот суд, истакнува адвокатот Михаил Давидовски од Скопје, кој е еден од многуте адвокати во државата кому му се обраќаат за помош лицата кои сакаат да се разведат.

Законот за семејството уредува два начина на поведување постапка за развод на бракот:
– Кога двајцата брачни другари се согласни да се разведат и кога доставиле спогодба во однос на вршењето на родителските права и должности и за издржувањето и воспитанието на децата. Брачните другари, лично или преку својот адвокат, поднесуваат заеднички предлог за спогодбен развод на бракот до судот. Судот ги повикува на рочиште на кое, доколку јасно утврди дека брачните другари таквата заемна согласност ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо, донесува  одлука за развод на бракот со спогодба;
– Кога нема заемна согласност за развод, се поднесува тужба од страна на едниот брачен другар. Како што истакнува адвокатот, Законот за семејството препознава две категории на причини поради кои бракот може да се разведе по пат на тужба. Првата е поради тоа што брачните односи помеѓу брачните другари се до тој степен нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив, а втората причина поради која може да се разведе бракот по пат на тужба е поради тоа што настанал фактички прекин на брачната заедница подолг од 1 година.

Често во судската пракса доколку тужениот брачен другар не ги оспори наведените причини за развод на бракот, судот донесува одлука – пресуда за развод на бракот веднаш (освен во случаите кога судот треба да одлучи за чувањето, воспитувањето и издржувањето на децата по претходно прибавено мислење од Центарот за социјални работи). Но ако и во овој случај има согласност на двете спротивставени страни на постапката, истата, во согласност со волјата и дадената согласност од страна на странките, ја трансформира во предлог за спогодбен развод на брак.

Брачните другари кои имаат намера да се разведат  треба да имаат волја и решителност за тоа.  Доколку се колебаат, Законот за семејството предвидува постапка за мирење на брачните другари. Таа се спроведува по приемот на тужбата, односно по приемот на предлогот за спогодбен развод на бракот.

Доколку сепак странките се одлучат да го спасат бракот, вели Давидовски, тогаш постои можност да се повлече тужбата до заклучување на главната расправа без согласност на тужениот, а во случај кога постои согласност од тужениот, тужбата може да се повлече сè додека постапката не е правосилно завршена. Ако тужителот се откаже од тужбата, тоа се смета како тужителот да ја повлекол тужбата. Предлогот за спогодбен развод на бракот брачните другари можат да го повлечат сè додека постапката не е правосилно завршена.

А во случај кога се поведува постапката за развод на бракот во кој има малолетни деца и полнолетни деца над кои е продолжено родителското право, судот, по приемот на тужбата и нејзино претходно испитување, предметот со тужбата го препраќа во надлежниот центар за социјални работи, кој во рок од три месеци од приемот на известувањето спроведува интерна постапка врз основа на која на надлежниот суд подоцна му дава мислење за начинот на чување, воспитување и издржување на децата родени во бракот.

Правосилната пресуда за развод на бракот судот ја доставува по службена должност до матичните подрачја каде што лицата имаат матична книга на венчани. Но, како што додава Давидовски, има и случаи кога тоа не се прави (праксата покажала дека во мај број случаи пресудата може да не е испратена до надлежната матична служба, или доставата на пресудата доцни). Кога странките – веќе поранешни брачни другари поднесуваат барање за извод од матичната книга на родените или на венчаните во одредени случаи може да утврдат дека бракот сè уште им фигурира во матичната евиденција. Во тој случај, доколку странките имаат потреба од поитно спроведување на пресудата за развод на бракот во матичната евиденција, тогаш потребно е пред надлежната матична служба да го приложат својот примерок од оригиналната судска пресуда, или пак од судот кој ја донел пресудата да прибават примерок во препис од истата пресуда и да ја приложат пред матичната служба со цел таа да се забележи во матичната евиденција. Ако станува збор за донесена правосилна пресуда за развод на брак во странство на државјанин на Македонија, тогаш странската пресуда мора првенствено со решение да биде потврдена од страна на надлежен суд во РСМ, па потоа решението за признавање на странска судска пресуда да се евидентира во матичната евиденција.

Кога зборуваме за случаи од судницата на оваа тема, вели Давидовски, треба да се истакне дека разводот на бракот во голем број од случаите психолошки влијае на страните кои треба формалноправно да ја прекинат брачната заедница. Но, постапките во кои постои заемна согласност меѓу брачните другари во однос на различни прашања во постапката, особено во врска со начинот на чување, воспитување и издржување на своите деца, се најекономични и оставаат најмалку негативни последици.

Во однос на причините за развод на бракот, Давидовски истакнува дека тие се најразлични  и не би можело да се набројат само неколку. Дел од причините се чувството на нетрпеливост помеѓу брачните другари, посебно помеѓу брачните другари на старосна возраст до 40-тата година, постоење на семејно насилство во брачната заедница, и тоа не само физичко насилство, туку и психичко, психолошко, економско насилство, а во помал дел и сексуално насилство. Друга честа причина е состојба на подреденост во која се наоѓа едниот брачен другар, ситуации на неверство, социјалните и економски прилики на семејството, потребата од развод на бракот заради остварување на права од социјална природа, државјанство, престој и други причини во земјите на Европската Унија и трети земји надвор од ЕУ, неизвршување на родителските и семејните обврски во однос на поделбата на обврските во домот помеѓу брачните другари, губењето на чувството за потреба од брачен партнер поради начинот на интензивно живеење и борба за финансии, каде што се занемарува семејството, па по проток на време доаѓа до прекин на брачната заедница и уште многу други.

Но, објаснува Давидовски, има и разводи кои знаат да потраат и подолго време. Во тие постапки најмногу време одзема докажувањето на личните и имотните прилики на брачните другари, како и нивните приходи и можноста за заработка, кои се важен фактор за утврдување на начинот на чување, доверување и издржување на децата, а кои не би траеле долг период доколку странките би собрале сили и би се договориле за одредени работи и состојби. Во поретки случаи има и искажување конфликтни ситуации и изнесување на меѓусебни навреди помеѓу брачните другари во самиот тек на постапката во судовите, па акцентот, односно кулминацијата при разделбата на брачните другари настанува во постапките за  поделба на имотот кои брачните другари го стекнале за време на бракот. Постапката за имот стекнат за време на брачна заедница е посебна постапка пред надлежен суд. Секој развод е посебна приказна и искуство, додава Давидовски.

 

Автор: К. Битровска