/ Прочитано:

453

Алијансата „Разбистри сè“ со низа забелешки за измените на Законот за водите

Алијансата „Разбистри сè“ информира дека ги доставила забелешките во врска со измените на Законот за водите до Министерство за животна средина.

„Во интерес на запознавање на граѓаните со проблематичните делови од законот и на транспарентноста на целиот процес, нашите забелешки ќе ги објавуваме и јавно.

Пристапот до информации и учеството на јавноста мора да бидат осигурени во Законот за водите, со повикување на одредбите од Архуската конвенција и Законот за слободен пристап до информации. Во спротивно, имателите на информации ќе имаат маневарски простор да не ја информираат и да не ја вклучат јавноста во постапките предвидени со Законот за водите“, посочуваат од Алијансата.

Од Алијансата бараат:

  • Да се забрани копање песок, чакал и камен од коритата и бреговите на реките, езерата и акумулациите, што станува неконтролиран бизнис од илјадници евра.
  • Заштитата и подобрувањето на водотеците со вадење песок, камен и чакал да биде дејност од јавен интерес и да не може да се додели на концесија или јавно-приватно партнерство.
  • Да се одземат надлежностите за ископување камен и песок од АД Водостопанство, кое е дел од проблемот, и да се формира посебно јавно претпријатие од Владата, коешто ќе ги регулира водотеците.
  • Ископаниот материјал да се распореди во истото водно тело или да се депонира на регулирана депонија по претходно прецизирана постапка за да се користи за брани или за изградба на стратешки објекти за државата.
  • Ако се продава на слободниот пазар, да биде преку јавно наддавање, а продажната цена да ја дефинира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

M.В