/ Прочитано:

2.115

Американски искуства за адвокатските вештини во кривичната постапка

Во Велес во организација на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), a во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Македонија, Бирото за меѓународна борба против наркотици, се одржа обука на тема  „Унапредување на адвокатските вештини во кривичната постапка“.

Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, во своето воведно излагање го потенцираше значењето на ваквите обуки, чија крајна цел, како што рече, се достоинствени и квалитетни судења, првенствено во интерес на правдата.

Џон Мекнил, правен советник во Амбасадата на САД во Македонија, поранешен јавен обвинител во САД со над 30-годишно искуство, во своето воведно обраќање забележа дека адвокатите повеќе треба да бидат вклучени во ваков тип на обуки бидејќи, како што потенцираше, тие се есенцијален дел на правосудниот систем и преку одбраната на правата на индивидуални клиенти всушност се грижат да бидат заштитени правата на сите граѓани и дека тие се чувари на индивидуалните слободи.

Од страна на Мекнил беа споделени искуства од  САД, како и согледувања од мониторирање на кривичните постапки во судовите во Македонија во однос на текот на главната расправа.

„На секое судење во САД правилата се исти – обвинетиот е невин додека не се докаже дека е виновен. Товарот на докажување е на обвинителството и тоа треба да докаже дека обвинетиот е виновен надвор од разумно сомнение, но дотогаш обвинетиот е невин. Во адверсијалниот систем ако обвинителството не успее да обезбеди докази надвор од разумно сомнение, пресудата ќе биде ослободителна без оглед на мислењето на судијата, без разлика дали судијата смета дека лицето е виновно. Товарот на докажување лежи врз обвинителството“, истакна  Мекнил.

Како една од аномалиите за вистинска реализација на постапката беше посочено и отсуството на тонско снимање на рочиштата и постојаното прекинување на мислата на странките. На обуката како обучувач беше вклучена и Габриела Гајдова, судијка во Основниот суд Велес.

Акцентирајќи ги проблемите со кои се соочуваат адвокатите во реалноста при практичната примена на Законот за кривичната постапка, учесниците како генерален проблем ја потенцираа нерамноправноста странките, односно нееднаквоста на оружјата во постапката. Во рамките на обуката беше спроведена симулација на судење со цел подобрување на вештините на адвокатите, особено во делот на директно и вкрстено испрашување.

На обуката присуствуваа адвокати од Велес, од Неготино, од Скопје, од Тетово и од Струмица. Обуката од сите адвокати учесници беше оценета како многу успешна. Тие, исто така, изразија потреба за организирање повеќе обуки од областа на ЗКП, но и од областа на други закони.

M.В