/ Прочитано:

3.506

Апелациониот суд ја потврдил 14-годишната казна затвор за убиецот на Ангел Петковски

Ештрефи беше осуден од првостепениот суд на 14-годишна казна затвор на 6 јули минатата година. Апелациониот суд ги одбил жалбите и на Обвинителството и на одбраната на Ештрефи и ја потврдил пресудата, со што таа станува правосилна.

Naser-Esterfi-4-Custom-e1421952003607

Апелациониот суд во Скопје ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје 1 за Насер Ештрефи, кој беше осуден за убиството на матурантот Ангел Петковски од Ѓорче Петров.

Ештрефи беше осуден од првостепениот суд на 14-годишна казна затвор на 6 јули минатата година. Апелациониот суд ги одбил жалбите и на Обвинителството и на одбраната на Ештрефи и ја потврдил пресудата, со што таа станува правосилна.

При соопштувањето на пресудата, судијата од Кривичниот суд Илија Трпков истакна дека Советот внимателно ги ценел доказите на Обвинителството и на одбраната, како и отежителните и олеснителните околности. Судијата рече дека како олеснителна околност, пред сѐ, е земено тоа што се работи за млада личност, додека како отежителна – тоа што веќе е правосилно осуден за кражбата на велосипедот која му претходи на убиството, кривично дело кое Ештрефи го призна на самиот почеток на судењето и за кое доби условна казна.

Обвинителството тврдеше дека се работи за убиство со умисла и дека обвинетиот свесно дејствувал за време на кривичноправниот настан.

Одбраната на Ештрефи, пак, тврдеше дека вината за настанот треба да се лоцира на друго место. Обвинението беше оценето како „гола претпоставка“ која е апсолутно недокажана. Клучниот сведок и единствен директен очевидец, таткото на Ангел, Сашо Петковски, според одбраната бил пристрасен.

Во текот на судењето беа испитани бројни сведоци и докази, но ножот со кој е сторено убиството не беше пронајден, иако, според Обвинителството, теренот веднаш по трагичниот настан бил детално пребаран. Обвинетиот тврдеше дека веднаш по убиството го фрлил ножот на местото на настанот.

Убиството се случи на 19 мај 2014 година во населбата Ѓорче Петров. На убиството му претходела кражба на велосипед од страна на обвинетиот од домот на Петковски, по што сега починатиот Ангел и неговиот татко почнале да го бркаат крадецот. Пресметката меѓу Ештрефи и Ангел се случила на насипот на кејот на Вардар, а Ангел починал во рацете на неговиот татко поради убодна рана од нож. Настанот предизвика неколкудневни демонстрации и револт кој резултираше со демолирање на повеќе објекти во населбата Ѓорче Петров и судири на демонстрантите со полицијата.

М. С.

ПРЕСУДА: 14 години затвор за обвинетиот за убиството на матурантот Ангел