/ Прочитано:

369

Сентенца од Врховниот суд за неподобен обид за убиство

На 1 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пресудата КВП2.бр.220/2021 од 05.05.2022 година од кривичната област (Кривичен законик – Кривично дело обид за убиство), за неподобен обид за убиство.

Сентенца

Не постои неподобен обид за сторување на кривично дело „Убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, кога осудениот го вперува пиштолот и нишани во оштетенот, обидувајќи се повеќе пати да го репетира за да пука, но е спречен од оштетениот.

Образложение

Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека во конкретниот случај, правилно пониските судови утврдиле дека во случајот не постои неподобен обид.

Имено, неподобен обид е специјален облик на недовршено дело кај кое постои умисла на сторителот за извршување на делото од една страна и објективна неможност за негово извршување од друга страна, при што сторителот има погрешна претстава дека може да го изврши делото со определено средство, или спрема определен предмет.

Неподобен обид значи умислено започнување на извршување на кривично дело што објективно било неможно да се изврши, или поради неподобноста на употребените средства, или поради неподобноста на објектот спрема кој извршувањето е обидено.

Кај апсолутно неподобен обид, средствата употребени за извршување на кривичното дело, или објектот спрема кој е обидено извршувањето се такви што делото во никој случај не може да биде извршено.

Кај релативно неподобен обид, употребените средства односно објектот спрема кој е обидено извршувањето, општо земено се подобни за извршување на делото, но во конкретниот случај се покажале неподобни.

Во конкретниот случај, со дејствијата на осудениот сторено е кривично дело – „Убиство“ во обид, а не неподобен обид на ова кривично дело, кога осудениот го вперува пиштолот и нишани во оштетенот, обидувајќи се повеќе пати да го репетира за да пука, но е спречен од оштетениот, кои се непосредни дејствија што претходат на дејствието на извршување на делото, правејќи со него едно нераскинливо единство.

За разлика од обидот, кај доброволно откажување од обид, сторителот што подготвувал, или се обидел да изврши кривично дело, доброволно се откажал од неговото извршување. Кај доброволното откажување од обид, останување на делото во обид се должи на волјата на самиот сторител, односно потребно е сторителот самиот да реши да се откаже, без да биде изнуден, или присилен на тоа од други надворешни вистински, реални, или замислени фактори. Околностите што дејствуваат врз сторителот како пречки за остварување на делото и што го прават откажувањето недоброволно, доаѓаат однадвор.

Оттука, откажувањето е доброволно само кога сторителот сам се откажал од извршување на делото од сопствени побуди, без влијание од надворешни фактори.

Кога има извесни лични побуди кај осудениот и тој се премислува и не сака да го стори делото, откажувањето е недоброволно, бидејќи сторителот е свесен дека објективно и субјективно делото не е способен/кадар да го доврши, иако сака тоа да го стори и тогаш нема доброволно откажување од обид, што во конкретниот случај не постои.

Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека правилно пониските судови утврдиле дека дејствијата преземени од осудениот критичниот ден кога на состанокот во канцеларијата на извршителот дошол со оружје, кое во дадениот момент го извадил и со дигната рака го вперил кон оштетениот П.П.К., обидувајќи се да го репетира, а потоа кон оштетениот Д.А., повторно обидувајќи се да го репетира, ја откриваат јасната намера и умисла, свеста и волјата за предизвикување на последицата, која во последен момент била спречена и избегната со дејствијата на оштетениот Д.А., поради кои и кривичното дело останало во обид.

Врз основа на погоре наведеното, следуваше овој суд да одлучи како во изреката на пресудата, а согласно член 464, член 467 и член 460 став 2 од Законот за кривичната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Квп2.бр.220/2021 од 05.05.2022 година.