Апелациониот суд ја укина пресудата за затворската казна на дедото на малата Тамара
Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата за затворската казна на дедото на Тамара, Љупчо Стојановски. Жалбата на Стојановски е уважена и предметот е вратен на повторно судење. Новото рочиште ќе се одржи на 3 декември, потврдува адвокатката на Стојановски, Павлина Зефиќ. Дедото на Тамара беше осуден на казна затвор од седум и пол години за обид за убиство на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
Најавувајќи жалба, одбраната на Стојановски тврдеше дека нема доволно докази кои укажуваат дека делото е извршено со умисла.
„Имаме недоверба кон институциите бидејќи сметаме дека МВР и Обвинителството не си ја завршиле својата работа. Сите бевте сведоци дека немаше барутни честички на неговите раце и на неговата облека, а немаше и доказ каде завршил проектилот, кој бил пронајден после 16 дена“, истакна во врска со пресудата адвокатката Павлина Зефиќ.
Според Апелациониот суд, пресудата е недоволно јасна и разбирлива. Во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоењето на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот.
Малата Тамара Димовска почина пред повеќе од три години, чекајќи операција на ʹрбетот во странство. За овој случај сега се води судски процес.
М.В