/ Прочитано:

5.075

Адвокат Цена Стрезоска: За страста кон правото

„Не можам да замислам да работам која било друга професија што не е поврзана со правото.“

За правото зборувате со огромна љубов. Кога се јави љубовта кон правото кај вас?

Кога точно се јави љубовта кон правото, не сум во можност да кажам, можеби во текот на средното училиште, кога требаше да направам избор за мојата идна професија. Тоа што сум комуникативна личност, како и љубовта кон општествените науки веројатно го трасираа патот за избор на Правниот факултет, а со тоа и на професијата правник во иднина. Од денешна гледна точка сметам дека изборот што го направив беше правилен бидејќи не можам да замислам да работам која било друга професија што не е поврзана со правото.

Што Ве натера да отворите сопствена адвокатска канцеларија?

Одлуката да отворам сопствена адвокатска канцеларија не беше ниту лесна ниту брза за носење. По стекнатото искуство од 12 години, од кои 6 години работа во две нотарски канцеларии и 6 години како правник во фирма која е со дејност хотелиерство, се одлучив дека е време да го преземам овој чекор. Во овој момент сметам дека одлуката за отворање на сопствена адвокатска канцеларија ја донесов навреме, дека не беше избрзана и дека е правилен избор. Сметам дека со својата работа можам да дадам и давам придонес за  унапредувањето на оваа професија.

Живеете и работите во Охрид. Како е да се биде адвокат во Охрид?

Да се биде адвокат во Охрид е навистина предизвик бидејќи постои голема конкуренција. Се работи за мал град во кој има голем број адвокати. Со оглед дека се работи за мал град, речиси да не постои можност да се работи само одреден дел од правото. Во моето досегашно работење најголем дел од предметите што ги работам се од областа на граѓанското право. Посебно сакам да напоменам дека, и покрај големата конкуренција, сепак постои колегијалност помеѓу адвокатите во Охрид и не би сакала да издвојам некој посебно за да не пропуштам некого, меѓутоа од отворањето на мојата адвокатска канцеларија до денес сите адвокати кои се подолго време во оваа професија, а на кои сум им се обратила за совет или за каква било помош несебично споделиле искуство, за што сум особено благодарна.

Каков совет би им дале на помладите колеги?

На помладите колеги би им дала совет да не се откажуваат и постојано да ги следат новините во правото, како и развојот на технологијата, што многу го олеснува процесот на работа.