/ Прочитано:

2.877

Разговор со адвокат Стефан Павловиќ за амбициите и предизвиците на младите адвокати

Се наметнува еден нов притисок – борбата за наоѓање клиенти, борбата за ефикасно и успешно справување со правните проблеми коишто ги имаат клиентите, но таквиот притисок за мене е мотор и двигател за успешно справување со секојдневните предизвици што произлегуваат од адвокатурата.

Стефан, Вие сте самостоен адвокат 8 месеци, но веќе имате разновидно искуство во правото. Од каде љубовта за правото?

Како дете имав повеќе желби за мојата идна професија, од коишто една беше да бидам воен пилот или контролор на летање, по сугестија на дедо ми, кој по струка беше авиомеханичар. Но, во трета година гимназија имавме предмет Вовед во право и професор кој на многу интересен и нетипичен начин нè запозна со основните институти на правото и успеа да разбуди кај мене голем интерес за правото и, нормално, за адвокатурата.

Можете ли да го опишете патот од факултет до моментот на станување адвокат?

Патот морам да кажам дека е исклучително тежок и напорен и бара огромна желба и фокус кон крајната цел што си ја има зацртано човек. Во мојата ситуација, додипломските студии ги завршив во регуларен рок, веднаш потоа се запишав на магистерски студии, на насоката Кривично материјално право. Паралелно со магистерските студии почнав да волонтирам во Основниот кривичен суд Скопје, каде што стекнав големо знаење благодарение на судиите кои несебично го делеа своето знаење и искуство со мене. По завршувањето на магистерските студии одлучив да ја видам и да се запознаам со другата страна во односот суд – адвокат, односно бев приправник во Адвокатското друштво „Трифуновски, Саздов, Цибрев“, коешто е специјализирано во областа на граѓанското право. Колегите од тоа друштво, а морам особено да го потенцирам адвокатот Иван Цибрев, со целосна и максимална посветеност се трудеа во целост да ми ги пренесат своите знаења и искуства и да ме подготват за периодот што следува и за патеката што требаше да ја изодам, за што сум им бескрајно благодарен. Во Адвокатското друштво бев приправник околу 2 години, сè додека не почнав со подготовките за полагање на правосудниот испит, кој го поминав без никаков проблем поради обемната подготовка од моја страна. Веднаш по положувањето на правосудниот испит, се вработив во меѓународна корпорација на позиција правник. По една година работа во корпорацијата, во јуни 2022 година одлучив дека е време да почнам со адвокатурата.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте при отворањето на канцеларијата?

Еден од најголемите предизвици е справувањето со иницијалниот шок и справувањето со прашања коишто сам себе си ги поставував: Што ако немам доволно клиенти? Што ако згрешам? Што ако не сум доволно спремен за ваквиот чекор? Како ќе ги намирам месечните трошоци? Можам да кажам дека тој период на транзиција за неколку месеци проаѓа и пополека се навикнуваш на новата реалност. Но, се наметнува еден нов притисок – борбата за наоѓање клиенти, борбата за ефикасно и успешно справување со правните проблеми коишто ги имаат клиентите, но таквиот притисок за мене е мотор и двигател за успешно справување со секојдневните предизвици што произлегуваат од адвокатурата.

 Работите сам или ја делите канцеларија со некој друг?

Во периодот кога сакав да отворам сопствена канцеларија се сретнав со поранешниот судија за организиран криминал Владимир Туфегџиќ, кој е еден од судиите кој несебично ми го пренесуваше своето знаење и искуство во времето кога бев волонтер во Основниот кривичен суд Скопје и кој, кон крајот на 2021 година, отвори своја адвокатска канцеларија. Тој ми понуди соработка – јас да бидам самостоен адвокат во неговата канцеларија, но да имаме соработка во кривичните и граѓанските предмети. Би сакал да ја изразам мојата голема благодарност кон него за шансата што ми ја даде, што ме покани да бидам дел од неговата канцеларија, што ми овозможи услови да влезам во адвокатурата, што секојдневно ми дава голема поддршка и поттик за да напредувам во адвокатурата и кој воедно е голем ментор кој без задршка ги споделува своето долгогодишно искуство и знаење со мене.

Во која област на правото работите и сакате да работите?

Првично, додека бев волонтер во Основниот кривичен суд Скопје, кај мене се роди огромна љубов кон кривичното право. Потоа, додека бев приправник во Адвокатското друштво „Трифуновски, Саздов, Цибрев“, се запознав подлабоко со материјата од граѓанското право. Во таа смисла, во моментов работам и во областа на кривичното право и во областа на граѓанското право.

Дали модерната технологија Ви ја олеснува работата?

Секако. Особено ако направиме паралела со колегите што работеле пред 20-30 години, почнувајќи од работите што денеска ги земаме здраво за готово, како што се модерните и брзи компјутери, принтери, скенери, пристапот до интернет, па потоа и специјализираните апликации, како што е Академика, кои ни ја олеснуваат работата, но и ни овозможуваат побрзо да ја завршиме работата – сега истражуваме низ различни бази, документи, пресуди, стручни трудови од и за различни земји во светот, седејќи во канцеларија.

Кое е Вашето мислење, дали лесно се прилагодува на новините во технологијата нашиот правен систем?

Како и сите сегменти во нашиот систем така и во правниот систем, постојат добри идеи, но недостига реализација. Би сакал да се осврнам на АКМИС-системот, кој се користи во судовите. Се работи за систем на менаџирање на судските предмети кој своевремено при неговата имплементација беше доста напреден и модерен, но за денешните стандарди е исклучително бавен систем и значително ја забавува работата на судските органи, па потребна е негова модернизација и усогласување со модерната технологија. Потоа, би се осврнал на системот за електронска достава на судовите, кој на хартија изгледа како многу практично решение, но во реалноста воопшто не функционира. Во моментов системот е еднонасочен и служи за достава на писмена од судот кон адвокатите, но во пракса тој речиси никогаш и да не се користи. Многу би била полесна работата и за судските органи и за адвокатите доколку тој систем е двонасочен и доколку се користи секојдневно на начин што сите поднесоци и писмена ќе може да се доставуваат исклучиво во електронска форма, а со тоа ќе се растоварат судовите, ќе се намали „папирологијата“ и тоа ќе доведе до многу поефикасно и концентрирано водење на судските предмети. Приватниот сектор, можам да кажам, многу подобро се справува со предизвиците и новините на модерната технологија во областа на правото, со оглед на тоа што сведоци сме дека секојдневно се појавуваат нови и модерни електронски алатки коишто се од голема помош за адвокатите и правниците, како што се централизирани бази на законски и подзаконски прописи, пресуди на судовите, а воедно и алатки што служат за менаџирање на работата на една модерна адвокатска канцеларија.

Каде и како се гледате за 10-20 години?

Во моментов амбициите ми се да бидам што поуспешен адвокат и да давам придонес за развојот и унапредувањето на оваа професија, но не е исклучена можноста во иднина да конкурирам во Академијата за судии и јавни обвинители и да се обидам да направам еден природен трансфер од адвокатура во обвинителска или судиска функција.