/ Прочитано:

2.432

„Арбитражата во корист на бизнис заедницата“ – Меѓународна конференција во Софија

Во организација на Софискиот арбитражен суд при Меѓународната асоцијација за правда и арбитража, во Софија, Република Бугарија, беше организирана меѓународна конференција посветена на арбитражата и бизнис заедницата. Адвокатот Зоран Андоновски, кој е и арбитер при Софискиот арбитражен суд, како еден од учесниците вели дека главен акцент на конференцијата беше ставен на предностите и придобивките што ги носи со себе арбитражното решавање на споровите од страна на арбитражните судови.

Бевте еден од учесниците на конференцијата посветена на арбитражата што овој месец се одржа во Софија, Република Бугарија. Поконкретно, која беше темата на конференцијата?

На 7.6.2017 година, во Софија, Бугарија, во организација на Софискиот арбитражен суд при Меѓународната асоцијација за правда и арбитража, беше организирана меѓународна конференција на која зедов учество и јас како арбитер при Софискиот арбитражен суд, на тема „Арбитражата во корист на бизнис заедницата“. На конференцијата стана збор за предностите и придобивките на арбитражните судови во Бугарија и странство. Со особено задоволство можам да истакнам дека конференцијата што ја организиравме ние како меѓународна трговска арбитражна судска институција беше доста посетена. За тоа говори и фактот дека по отворањето на конференцијата од страна на нашата претседателка Марија Јанева, поздравни говори имаа: заменик министерката за труд и социјална политика на Бугарија, д-р Султанка Петрова и претставник на Министерството за правосудство на Бугарија,  Цецка Цачева. Исто така, голема новина на оваа меѓународна конференција беше и тоа што на неа учествуваше Ирина Гириф – генерален секретар на Меѓународниот арбитражен суд во Париз, при Меѓународната арбитражна комора во Париз. Таа на конференцијата ги сподели искуствата и практиките кои произлегуваат од арбитражното решавање на трговските спорови при Парискиот арбитражен суд. По своето излагање, Ирина Гириф во дискусијата како со учесниците претставници на бугарскиот стопански сектор, така и со учесниците претставници на францускиот стопански сектор во Бугарија, го сподели ставот дека арбитражата, доколку правилно се спроведе, претставува ефективен, брз и лесен начин за решавање на споровите во областа на бизнис заедницата. Во самото излагање, генералниот секретар на Парискиот арбитражен суд ја претстави Бугарија како земја со голем пазарен потенцијал, кој за жал сè уште не е потполно реализиран за францускиот стопански сектор во Бугарија. Самата конференција предизвика голем интерес кај бизнис заедницата во Бугарија во однос на тоа споровите што произлегуваат од нивното секојдневно работење да бидат решавани на брз, лесен и ефективен начин, наместо бизнисот да биде заложник на бавното постапување и долгите и скапи судски процедури во постапките пред државните судови. Во Бугарија бизнис секторот веќе наголемо го користи институтот арбитражна постапка пред арбитражните судови, за што говори и фактот дека во текот на 2016 година, во Бугарија во арбитражните судови биле заведени 100.000 арбитражни предмети. Тоа говори дека бизнис секторот не само што ги има сфатено придобивките што ги носи арбитражното судење, туку бугарскиот бизнис сектор веќе активно ги користи предностите и придобивките што ги носи арбитражното судење, за разлика од судењето од страна на државните судови.

За што се говореше на конференцијата и какви заклучоци произлегоа?

Главен акцент на конференцијата беше ставен на предностите и придобивките кои ги носи со себе арбитражното решавање на споровите од страна на арбитражните судови не само во Бугарија туку и во другиот дел од Европа. Главниот заклучок кој едногласно беше донесен од страна на сите учесници на конференцијата е дека арбитражата претставува исклучителна ефективна способност за разрешување на меѓународно-приватни спорови во Европа. Акцент за време на конференцијата беше ставен и на брзината на постапката која се спроведува пред државните судови во Бугарија, која очигледно трае премногу долго. Како арбитражни судии заклучивме дека за бизнис секторот загубата на време е еднаква на загубата на пари и токму тука се јавува горливиот проблем за бизнис секторот поради предолгото траење на процедурите пред државните судови. Арбитражата има доста предности за разлика од судењето во државните судови, кои се карактеризираат со: флексибилност и неформалност на арбитражната постапка; пократкотрајна постапка; стручност на арбитрите врз чиј избор влијаат странките; доверливост и нејавност на арбитражната постапка; едностепеност на арбитражната постапка; помали трошоци на постапката; неутралност и непристрасност на арбитрите; поедноставен систем на признавање и извршување на арбитражните одлуки.

Еден од заклучоците беше и фактот што кога договорните страни ќе се одлучат за арбитражна постапка и евентуалниот спор кој би се создал меѓу нив ќе го изложат на решавање пред постојана независна меѓународна трговска арбитражна судска институција, тоа би значело дека арбитражата е алтернатива на судењето, од страна на државните судови. Арбитражата е приватен механизам за решавање на споровите, таа е творба на страните (странките) во спорот која сепак завршува со донесување на конечна и обврзувачка одлука за странките во спорот.

На конференцијата се отвори дискусија во врска со признавањето и допуштањето на извршување странска арбитражна одлука, за што како арбитражен судија го застапував ставот дека во одредбата од чл. 3 од Њујоршката конвенција за признавање и допуштање на извршување на арбитражните одлуки од 10.6.1958 година, која е ратификувана од РМ, е предвидено секоја договорна држава да ја признае силата на арбитражната пресуда и да го прими нејзиното извршување во сообразност со процедуралните правила кои се применуваат на територијата каде што се бараат признавањето и извршувањето под условите наведени во оваа Конвенција. За признавање и извршување на арбитражните пресуди за кои се применува оваа Конвенција, нема да се воведуваат значајно построги услови или значајно повисоки судски такси од оние што се важечки за признавање и извршување на национални арбитражни пресуди. Њујоршката конвенција за признавање и  допуштање на извршување на арбитражните одлуки од 10.6.1958 година, во одредбата од чл. 4, предвидела дека, за да бидат прифатени признавањето и извршувањето на странските арбитражни пресуди од чл. 3 од оваа Конвенција, странката која ги бара признавањето и извршувањето треба да претстави истовремено со барањето: надлежно заверен оригинал на арбитражната пресуда или надлежно заверен нејзин препис, оригинал на спогодбата наведена во чл. 2 или надлежно заверен нејзин препис. Ако арбитражната пресуда или спогодбата не се составени на официјалниот јазик на државата во која таа пресуда се поднесува на признавање и извршување, тогаш странката која ги бара признавањето и извршувањето на пресудата треба да претстави превод на документот на официјалниот јазик во државата. Преводот се заверува од официјален или судски преведувач или од дипломатска или конзулска институција. Покрај фактот што РМ ја има ратификувано оваа Конвенција и има донесено закон за нејзина примена, постапката за признавање на странска арбитражна пресуда (во овој случај, на Софискиот арбитражен суд) е регулирана со одредбите од чл. 111 до чл. 115 од Законот за меѓународното приватно право, во посебна неоспорна (вонпарнична) постапка. Откако оваа постапка ќе биде окончана, тогаш признаената странска арбитражна одлука добива статус на судска одлука со ранг на одлука како на државен суд, која подлежи на присилно извршување во согласност со одредбите од Законот за извршување.

Како арбитражни судии заклучивме дека арбитражата во однос на другите начини на разрешување на споровите има предност од причина што арбитражната постапка завршува со донесување на одлука од страна на арбитражниот суд, која има сила на пресудена работа и подлежи на присилно извршување, на ист ранг како што подлежи на присилно извршување и одлуката на државниот суд.

Стана збор и за тоа дека стратегиски проблем за секој правен субјект е разрешувањето на споровите кои ќе произлезат од деловното работење со коминтентите, чија разрешница во никој случај не треба да биде оставена на случајноста. Секој спор предизвикува загриженост за самата компанија и нејзините трговски односи. Еден од начините да се биде претпазлив и во старт да се предвиди одбранбен механизам е со арбитражна клаузула во самиот договор или со посебна арбитражна спогодба да се предвиди евентуалната разрешница на спорот за да се избегнат несаканите последици од секоја можно непредвидена ситуација.

Затоа арбитражните судови играат важна улога, за да можат трговците при извршувањето на својата трговска дејност да ги осигураат и заштитат своите инвестиции и бизнис интереси.

Најавена беше соработка помеѓу Софискиот и Парискиот арбитражен суд. Какво е значењето на оваа соработка, низ каква процедура таа ќе се одвива и што претставува таа од правен аспект?

Во прилог на можната соработка помеѓу Софискиот и Парискиот арбитражен суд, која беше најавена од наша страна, говори и самиот факт дека на конференцијата учествуваше и особен придонес даде Ирина Гириф, генерален секретар на Меѓународниот арбитражен суд во Париз, при Меѓународната арбитражна комора во Париз. Таа соработка се должи на меѓународното признание на нашата претседателка Марија Јанева, како меѓународен арбитер во меѓународни рамки. Една од причините поради кои генералниот секретар на Парискиот арбитражен суд зеде учество на конференцијата беше соработката која полека но сигурно почнува да се одвива помеѓу Софискиот и Парискиот арбитражен суд. За нас како Софиски арбитражен суд, од големо значење е што успеавме да го поканиме генералниот секретар на еден од најквалитетните арбитражни судови во Европа, кој ги сподели со учесниците на конференцијата своите искуства од практиките кои произлегуваат од арбитражното решавање на трговските спорови. Можната соработка со Париската арбитража е повеќе од значајна за нас како арбитражен суд, со оглед на традицијата која ја негува париската арбитража, а особено поради тоа што генералниот секретар на Парискиот арбитражен суд посочи дека Бугарија претставува земја со голем пазарен потенцијал, кој, за жал, сè уште не е потполно реализиран за францускиот стопански сектор во Бугарија. Во моментот се работи на изготвување на текстот на Спогодбата за соработка во областа на трговската арбитража помеѓу Меѓународната арбитражна комора во Париз и Софискиот арбитражен суд, со што ќе се даде правна рамка на соработката помеѓу овие две арбитражни институции. Придобивки од ваквата спогодба ќе имаат бизнис заедниците како во Бугарија така и во Франција. Со потпишување на Спогодбата ќе се зајакне довербата во арбитражата како институт и стабилноста во трговски зделки склучени помеѓу бугарскиот и францускиот бизнис сектор. Предлог-спогодбата предвидува многу облици на соработка, популаризирање на арбитражата како институт, одржување меѓународни конференции, размена на искуства и практики. Не треба да заборавиме, Парискиот арбитражен суд е со големо искуство, кој има разрешено многу арбитражни предмети со меѓународен елемент и тоа искуство би сакале да го примениме во постапките пред Софискиот арбитражен суд. Спогодбата предвидува соработка меѓу двете арбитражни институции во размена на информации, односно размена на законската регулатива со која е регулирана оваа проблематика како во Франција, така и во Бугарија. Самата можност за соработка со една од најквалитетните арбитражни институции во Европа е и одговорност за нас како арбитражен суд, бидејќи полека но сигурно Софискиот арбитражен суд не само што станува најисплатлива арбитражна институција во овој дел на Балканот, туку станува и  фактор во регионот. За овој суд одговорно можам да кажам дека мошне успешно се справува со предизвиците кои од ден на ден ги носи меѓународното разрешување на арбитражни спорови. Опсегот и доменот на постапување на нашиот суд од ден на ден стануваат сè поголеми. Софискиот арбитражен суд, поради обемот на работа што го има во РМ, во текот на месец септември ќе има промотивен настап за својата работа  со еден ден во Скопје и еден ден во Битола, со учество на многу претставници од бизнис заедницата во РМ. Предвидена е соработка со Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, за организирање на меѓународна арбитражна конференција, додека на 1.9.2017 година го најавуваме и отворањето на Канцеларијата за врски на Софискиот арбитражен суд во РМ, за да може бизнис заедницата да се информира за новините и особено за придобивките кои Софискиот арбитражен суд и арбитражата ги нудат за бизнис секторот.

M.В