/ Прочитано:

980

АСОМ: Уредбата за онлајн обложување треба да се преточи во трајно законско решение

Уредбата со која во земјава се овозможи онлајн спортско обложување преку домашните лиценцирани сајтови треба да се преточи во трајно законско решение, истакнуваат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), и сметаат дека законското решение ќе има заемни придобивки и за државата и за индустријата, што всушност и било потврдено со самото носење на уредбата.

„Уредбата придонесе спортските обложувалници да ги задржат сите вработени, но и да се овозможи прилив на средства во државниот буџет и кревката економија погодена од ковид-кризата. Според проекциите на АСОМ, од мај до крајот на годинава, од 4-те проценти посебна давачка за онлајн ќе се  слеат околу 35 милиони денари, а од 15-те проценти данок на личен доход – околу 65 милиони денари, или 100 милиони денари за пет месеци само од оваа услуга“, велат од АСОМ.

Според Асоцијацијата, уредбата се покажала како одлично решение за одржливост на оваа индустрија, која вработува околу 4.500 луѓе и која има силен придонес во државната економија, дотолку повеќе што спортското обложување била една од најпогодените гранки од кризата, најнапред поради немањето пласман и откажаните натпревари и првенства насекаде во светот, а подоцна и поради тоа што објектите на спортските обложувалници со рестриктивните мерки на Владата беа затворени речиси два месеци.

„Оваа уредба на Владата е донесена како соодветен одговор на корона-кризата и таа де факто помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува индустријата на игри на среќа, како и егзистенцијата на повеќе од 54.000 лица кои целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на вредности кој го создава оваа индустрија“, појаснуваат од АСОМ.

Оттаму додаваат дека од особена важност е да не се дозволи ниту ден прекин помеѓу уредбата и законското решение бидејќи тоа би предизвикало недоверба кај играчите, нивно сигурно враќање на странските сајтови и одлив на средства.

„И покрај тоа што онлајн обложувањето, во согласност со членот 19 од Законот за игри на среќа на странските сајтови е спротивно на законот и ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос уплатите и исплатите, играчите сепак практикуваа и сѐ уште практикуваат онлајн обложување на странски сајтови, меѓу другото, и заради тоа што го избегнуваат данокот на личен доход. Онлајн обложувањето кај нас е во зачеток и потребно е луѓето да се навикнат да ја користат оваа услуга, но и да се придобијат оние кои веќе играат на странските сајтови каде што се одлеваат средства, според нашите анализи помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно“, велат од АСОМ.

Уредбата е донесена на 24 април и таа е со важност до 22 декември. Во услови на ковид-19 и намалено движење на граѓаните во зимскиот период, доколку не се регулира онлајн спортско обложување преку македонските спортски обложувалници, постои опасност да се намалат приходите во оваа индустрија и во државниот буџет на сметка на одлевање на средствата на играчите на странски сајтови за обложување.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во економијата и активно влијае на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата.

АСОМ е формирана 2013 година, а членки на асоцијацијата се „Моцарт“, „Спорт лајф“, „Златна копачка“, „Евротип“ и „Марбет“.