/ Прочитано:

1.372

Дефинирањето на Државниот завод за ревизија како уставна категорија – стратешка цел на оваа институција

Државниот завод за ревизија ја донесе својата нова стратегија за развој, која се однесува на наредниот петгодишен период, од 2018 до 2022 година.

„При креирањето на овој стратешки документ појдовна точка беа стратешките приоритети и новите трендови промовирани во стратешкиот план на Меѓународната организација на врховните ревизорски институции (ИНТОСАИ), кој се однесува за периодот 2018 – 2022 година. Покрај ова, ДЗР ги имаше предвид и приоритетите наведени во стратешкиот план на Европската организација на врховните ревизорски институции (ЕУРОСАИ) за периодот 2018 – 2023 година“, велат од Државниот завод за ревизија.

Во својата нова стратегија за развој, ДЗР ги промовира и ги потврдува основните принципи на своето работење, и тоа: независноста, објективноста, компетентноста, професионалноста, тимската работа и транспарентноста. Притоа, имплементацијата на ИССАИ-стандардите е една од најзначајните стратешки определби на ДЗР.  Во тој контекст, согледувањето на нивото на имплементација на  ИССАИ-стандардите во финансиската ревизија и во ревизијата на успешност, со помош на алатките изготвени и презентирани преку проектот на „ИДИ“ (INTOSAI Development Initiative – IDI), беше извршено во изминатиот период.

„Во контекст на понатамошниот развој на квалитетот на државната ревизија, со новата стратегија ДЗР планира да продолжи да ја развива ревизорската пракса преку остварување на непосредните цели и активности кои се дефинирани во новата стратегија за развој на ДЗР 2018 – 2022 година“, велат од Државниот завод за ревизија.

Во Стратегијата за развој на Државниот завод за ревизија како една од непосредните цели е посочен и правниот статус на Заводот кој треба да биде дефиниран како уставна категорија.

Инаку, прашањето за Државниот завод за ревизија како уставна категорија беше актуализирано и од Центарот за економски анализи.  Државниот завод за ревизија, нагласуваат од ЦЕА, не е дефиниран како уставна категорија и потребни се измени на Уставот со кои државната ревизија ќе биде определена како уставна категорија. Исто така, додаваат од ЦЕА, потребно е ДЗР да се дефинира во Уставот како независна и самостојна врховна ревизорска институција во Република Македонија.

„За таа цел потребно е да се усвои амандман на Уставот најбрзо што може, со кој ќе се обезбеди целосна финансиска независност на државната ревизија и ќе се создаде независен буџет на Државниот завод за ревизија, кој ќе биде одобрен од страна на Собранието на РМ по предлог на ДЗР и по мислење на парламентарната Комисија за финансирање и буџет пред да се одобри Буџетот на РМ“, истакнуваат од Центарот за економски анализи.

M.В