Демократска контрола над работењето на институциите на безбедносниот сектор
Универзитетот ФОН, во рамките на својот 15-годишен јубилеј, денес организираше трибина на тема: „Демократска контрола над работењето на институциите на безбедносниот сектор – потреба и предизвици”, во организација на Факултетот за детективи и безбедност.
На трибината говорници беа: Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност при Собранието на РМ, Иџет Мемети, народен правобранител, Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, Томе Батковски, Факултет за безбедност – Скопје, Мирјана Најчевска, Институт за социолошки политички и правни истражувања и Звонко Давидовиќ, адвокат.
Во рамките на воведното излагање, ректорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, истакна дека безбедносниот систем и неговата контрола е од суштинско значење за функционирањето на секоја држава. Ефикасната и ефективна контрола ни е повеќе од потребна за да не ни се случи повторно „држава во држава”.
Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на РМ, Хари Локвенец, додаде дека една од најважните функции на Собранието е токму контролата врз безбедносните служби. Потребно е одново да се изгради систем кој ќе спречи злоупотреба и ќе обезбеди доверба во институциите на системот. Посебно важно е воспоставувањето на еквилибриум помеѓу моќна и силна контрола, а без тоа да се дозволи разорување на безбедносниот систем.
Народниот правобранител, Иџет Мемети, во својот говор истакна дека надворешната контрола врз безбедносниот систем е возможна, но истовремено многу тешка. Ова е проблем од осамостојувањето, па сè до денес. Најголем проблем е недостигот на одговорност. Институцијата Народен правобранител во континуитет се соочува со тешкотии, со недостапност на информации и со однос на недопирливи структури.
Според поранешниот министер и пратеник Павле Трајанов, никаде во светот досега не е остварена контрола на тајните служби од страна на цивилниот сектор и такви очекувања не можеме да имаме. Реформи и сублимирање на сите сензитивни формации се моите сугестии. Цивилната контрола првенствено треба да се извршува преку Парламентот од страна на професионалци и експерти во оваа област.
Професорот Томе Батковски од Факултетот за безбедност истакна дека, за жал, ниту една суштинска промена не е направена изминатите 26 години. Потребни ни се помали и поефикасни служби, кои треба да бидат раководени од професионалци, со потреба од поголема координираност и синхронизација. Безбедносниот систем треба да се спротивстави на носителите кои ги загрозуваат вредностите во општествената заедница. Дополнително, Батковски истакна дека е потребно да се воспостави Совет за национална безбедност кој ќе обезбеди безбедносна оцена, а истовремено ќе овозможи формирање на безбедносна пирамида.
Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања потенцираше дека како држава немаме правила, процедури и контрола. Не знаеме да спроведеме ништо што е прагматично, и токму тоа е проблемот во Македонија. Постојат многу моќни структури кои имаат легитимитет да употребат сила. Концептот на заштита на човековите права треба да биде на највисоко ниво. Потребна ни е прецизна норматива и не смее повеќе да се практикува ни една безбедносна активност која стриктно не е регулирана со закон. Институциите вредат само онолку колку што вредат и луѓето што работат во нив.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, посочи дека постоењето на овие служби е ограничување на човековите права, некогаш дозволено а некогаш не. Основната причина за немање одговорност е фактот што никој никогаш не е изведен пред суд за злоупотреба на службите. Со самото ова службите се ставаат над законот.
По завршувањето на дебатата од страна на говорниците, студентите и гостите имаа можност да поставуваат прашања и да дебатираат со говорниците.
М.В