/ Прочитано:

2.831

ДИЦ: Сè е подготвено за полагање државна матура

Полагањето на државната матура ќе почне на 27 мај во 10 часот со тестот по мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10 632 матуранти за македонски јазик, 5 120 за албански јазик и 418 за турски јазик. Кандидатите со себе треба да има документ за идентификација – лична карта, патна исправа или ученичка легитимација со фотографија и печат од матичното училиште.

Од утре, 27 мај до 14 јуни ќе се реализираат испитите од државната матура во јунската испитна сесија во 2017 година, за која се пријавени вкупно 16 426 кандидати.

Полагањето на државната матура ќе почне утре во 10 часот со тестот по мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10 632 матуранти за македонски јазик, 5 120 за албански јазик и 418 за турски јазик.

На 10 јуни, учениците од завршните години во средните училишта ќе го полагаат испитот по странски јазик. Како и во минатите години, најголем број, односно 15 201 се пријавени за англиски јазик, за француски јазик има 108 кандидати, за германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.

Тестирањето по предметот Математика учениците од завршните години во средните училишта ќе го реализираат на 12 јуни, а пријавени се 2 070 матуранти.

Последниот испит од државната матура ќе се полага на 14 јуни. За тестот по Биологија се пријавени 3 445 ученици. Хемија ќе полагаат 282 ученици. За тестот по Физика се пријавени 119 кандидати, за Историја 2 900, за Бизнис 4 298, за Филозофија 3 684 и за Естетика 193 кандидати.

Според видот на образование, 8 274 од вкупниот број пријавени матуранти се од гимназиско образование, 7 881 од средно стручно и 271 кандидат од средно уметничко образование.

Првичните резултати од тестовите треба да бидат објавени најдоцна до 14 јули, односно еден месец по последниот екстерен испит кој ќе се одржи на 14 јуни.

Државната матура е наменета за учениците од гимназиското, од четиригодишното средно стручно образование и од уметничкото образование. Покрај тоа што претставува завршен дел од средното образование, таа има за цел да послужи и за селекција на кандидатите за запишување во високото образование.

Државната матура се полага според посебни испитни програми кои се темелат врз целите на наставните програми за соодветните наставни предмети кои се вклучени во листата за државна матура.

Државната матура опфаќа: задолжителен дел, изборен дел и проектна задача.

Во согласност со член 26 од Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите во државна матура во гимназиското, стручното и средното уметничко образование, тестаторот го отвора запечатениот испитен материјал пред кандидатите. Кандидатите треба да ги слушаат насоките на тестаторот и да работат самостојно. Покрај кандидатите и тестаторите, на испитот може да присуствуваат и други лица кои имаат писмено овластување од Државниот испитен центар. На кандидатот кој задоцнил повеќе од 15 минути од почетокот на испитот не му се дозволува да полага. За време на испитот, кандидатот може да ја напушти просторијата, но не повеќе од пет минути, заедно со еден од резервните тестатори. Просторијата не може да ја напушти повеќе од еден кандидат во исто време од групата кандидати за кои е одговорен еден тестатор. Првите 30 минути од почетокот на испитот и последните 15 минути пред крајот на испитот кандидатот не може да ја напушти просторијата. Кандидатот може во секое време (освен времето наведено во став 8 од овој член) да го заврши испитот и по предавањето на испитниот материјал на тестаторот може да ја напушти просторијата.

Кандидатот што нема документ за идентификација останува во испитната просторија до крајот на испитот заради идентификација. Испитот завршува во точно предвиденото време, во согласност со времетраењето на испитот. По завршувањето на испитот, тестаторот ги проверува, ги пакува и ги предава испитните материјали во согласност со добиеното упатство. Тестаторот подготвува извештај за целиот тек на испитот и пополнува соодветни формулари.

Исто така, во согласност со член 25 од овој правилник, кандидатот со себе треба да има документ за идентификација – лична карта, патна исправа или ученичка легитимација со фотографија и печат од матичното училиште. На кандидатот што заборавил да понесе со себе документ за идентификација, му се овозможува да го полага испитот, за што резервниот тестатор го известува претседателот на УМК.

Претседателот на Училишната матурска комисија (УМК) стапува во контакт со родителите/старателите на кандидатот со барање потребниот документ да го достават најдоцна 30 минути пред завршување на испитот, во спротивно, испитот на кандидатот не му се признава.

Кандидатите со себе треба да носат прибор за пишување (пенкало што пишува сино) и други средства што се предвидени со испитната програма за соодветниот предмет. Кандидатите во испитната просторија ги оставаат своите лични предмети на определено место за тоа. За време на испитот, тестаторот и кандидатите не треба да носат мобилни телефони и други електронски направи.

А. Б.