/ Прочитано:

5.134

Дванаесет години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски

Денеска се навршуваат 12 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој заедно со осумчлената делегација трагично загина во авионската несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година во Ротимље во близина на Мостар.

boris-trajkovski-ubijen-ubistvo-atentat-avion-mostar-nesreca-zavera-1328585176-32166.jpg

Во рамките на одбележувањето на 12-годишнината од смртта на претседателот Трајковски, денеска во алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел, членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани ќе положат цвеќе на неговиот гроб. Цвеќе ќе биде положено и на спомен-­обележјето во Ротимље во Босна и Херцеговина.

Исто така, годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Борис Трајковски е роден во Струмица во 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во 1980 година. Специјализирал деловно право и право на работни односи.

За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Како претседател беше посветен на демократски идеали и на евроатланската ориентација на Република Македонија, а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001 година.

„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Моја визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“, говореше Борис Трајковски.

За причините за падот на авионот со кој патуваше претседателот Трајковски, досега беа извршени две истраги и беа објавени два извештаи. Според последниот извештај,  една директна причина, седум пилотски грешки и четири внатрешни системски грешки го предизвикале падот на авионот, додека, пак, сложените временски услови и концентрацијата на облаци биле индиректната причина.

M.В