/ Прочитано:

1.389

Се воведуваат два нови ордени „Киро Глигоров“ и „Борис Трајковски“

Министерството за правда подготвува измени на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија. Со законските измени се предлагаат нови одликувања, односно се предлага воведување на два нови ордени, и тоа: орден „Киро Глигоров“ и орден „Борис Трајковски“.

„Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, беше политичар кој остана влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста. Роден во Штип во 1917 година, Глигоров дипломирал право на белградскиот  Правен факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на Иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ. Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија. По независноста на Македонија, Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандати, до ноември 1999 година. По пензионирањето од активниот политички живот, претседателот Глигоров беше активен преку Фондацијата која го носи неговото име. Беше автор и на повеќе книги, меѓу кои се издвојува „Македонија е сè што имаме“. Киро Глигоров почина во Скопје на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст“, се наведува во официјалната биографија на Глигоров на веб-страницата на претседателот на државата.

„Вториот претседател на независна Република Македонија, Борис Трајковски, е роден во селото Моноспитово, Струмица, на 25 јуни 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи. Трајковски е водечки активист во програмата за надворешна соработка на партијата ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Паневропското движење на Република Македонија. Во 1998 година е именуван за заменик-министер за надворешни работи. Во декември 1999 година е избран за втор претседател на независна Македонија. Претседателот Борис Трајковски трагично загина заедно со осуммина негови соработници во авионска несреќа која се случи на 26 февруари 2004 година во Босна и Херцеговина. Борис Трајковски беше оженет со Вилма Трајковска, со која има две деца“, се наведува во официјалната биографија на Трајковски на веб-страницата на претседателот на државата.

M.В